Со цел унапредување на заедничката соработка во насока на создавање на подобри услови за лекување на пациентите и работа на лекарите Лекарската комора потпиша Меморандум за соработка со здруженијата на пациенти.
Како приоритена активност во наредниот период се идентификуваше потребата од заедничко вклучување во процесот на измени и дополнување на Позитивната листа на лекови.
Потписниците на Меморандумот, исто така, ќе одржуваат и редовни координативни состаноци, а во овие активности ќе може да се приклучат и други здруженија на пациенти кои ги делат истите цели и интереси.
Документот во име на Комората го потпиша претседателката проф. д-р Калина Гривчева Старделова со претставници на Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“, Здружението на граѓани за ретки болести “Живот со предизвици”, Хепар центар Битола, Здружението на граѓани со хронична миелоична леукемија, Здружението за поддршка на луѓе што живеат со ХИВ „Заедно посилни“, Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија, Здружението на пациенти со рак и нивни негуватели „ХЕМА-ОНКО” и “ФЕМИНА М” здружение за помош и поддршка на пациентите со гинеколошки заболувања.
Претседателката на Комората, проф. д-р Гривчева Старделова истакна дека меморандумот е израз на добра волја на двете страна за понатамошна поблиска соработка.
Ова е важен настан за сите нас, бидејќи испраќаме јасен сигнал до јавноста дека лекарите и пациентите не се две спротиставени страни, како што тоа најчесто се перцепира, туку напротив, тие се вистински сојузници со заедничка цел, а тоа е овозможување на што подобар третман за пациентите, што е тесно поврзано со обезбедување на подобри условите за работа на докторите“, истакна проф. д-р Гривчева Старделова.
Заедничките активности ќе бидат насочени кон подигнување на нивото на соработка и комуникација меѓу пациентите и лекарите за зајакнување на довербата и воспоставување на партнерски однос, давање меѓусебна поддршка за прашања од взаемен интерес преку заеднички соопштенија, прес – конференции, форуми, реализација на заеднички активности насочени кон подигнување на нивото на општото здравје, како и заеднички настап пред надлежните институции за предлагање на решенија за прашања од заеднички интерес.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.