Комисијата за етички и правни прашања на Лекарската комора на Македонија нема законски ингеренции да ја преиспитува работата на комисијата за стручен надзор формирана од Министерството за здравство, ниту самоиницијативно да утврдува мерки, особено затоа што не располага со медицинската документација врз основа на која извештајот е изготвен, се вели во соопштението на Лекарската комора испратено до медиумите.

На 5 октомври почина 14-месечно девојче на Клиниката за детски болести во Скопје. Девојчето било одбиено за хоспитализација на Клиниката за детски болести, а потоа било примено во Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“, кои подоцна го префрлиле на Клиниката за детски болести.

Министерот за здравство формира Комисија за стручен надзор во врска со лекувањето на 14-месечното девојче која констатирала задоцнета кислородната поддршка кај 14-месечното бебе кое почина од бронхопневмонија на 5 октомври на Детската клиника во Скопје и превид во проценката за негова хоспитализација.

Комисијата за стручен надзор нотираше превид во проценката за потреба од хоспитализација при вториот преглед на бебето на Клиниката на 3 октомври годинава, а во Козле е констатирана ненавремена проценка за тежината на респираторните потешкотии и третманот“, изјави претходно министерот за здравски Арбен Тараври.

Најголем дел од пропустите нотирани во извештајот се системски пропусти во овие здравствени установи, за кои Комората нема директна надлежност, но изразува голема загриженост, затоа што сериозно го засегаат работењето на здравствените установи и квалитетот на здравствените услуги. Веруваме дека здравствените установи, како надлежни за овој сегмент од извештајот, во соработка со Министерот за здравство, во зададените рокови ќе ги отстранат пропустите.

Во однос на стручните пропусти во третманот нотирани во извештајот, Лекарска комора може да постапува само во рамки на законски утврдена постапка согласно Законот за здравствена заштита, односно само врз основ на решение изготвено од страна на Министерот за здравство. Во конкретниот случај вакво решение досега не е доставено до Комората, а Комората нема законска можност самоиницијативно да пристапи кон утврдување на индивидуална одговорност и да предлага мерки само врз основа на доставениот извештај.

Лекарска комора ќе постапи веднаш, согласно своите надлежности и ингеренции, штом добие Решение од министерот за здравство со кое точно ќе се прецизира индивидуалната одговорност и ќе се предложат конкретни мерки согласно законските прописи. Целосно ја разбираме потребата на јавноста за побрзо лоцирање и утврдување на одговорност, но постапувањето надвор од законските прописи и ингеренции носи ризик одлуките да бидат обжалени и прогласени за ништовни, се вели во соопштението на Лекарската комора.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.