Портпаролот на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ во изјава за МИА истакна оти нема најава за заседавање на Комисијата за заразни болести.

– Претседателот на Комисијата решава дали ќе има или не. Треба да се апелира, да се вакцинираат децата согласно редовниот календар за имунизација. Тоа е најдобрата заштита. Минатата година имаше три случаи на голема кашлица, подвлече Мехмедовиќ.

На вакцинација денеска повика и министерот за здравство Фатмир Меџити.

– Повикуваме на вакцинација затоа што вакцините спасуваат животи, рече Меџити на новинарско прашање дали појавата на големата кашлица во државава се должи на тоа што не се вакцинираат децата.

Директорот на Институтот за јавно здравје, Шабан Мемети за МИА изјави дека од почетокот на годинава евидентирани се два случаја – едното дете е од Кичево, а другото е шестмесечно бебе хоспитализирано на Детската клиника „Козле“ во Скопје.

– Станува збор за невакцинирани деца. Едното е во „Козле“, а другото е на домашно лекување, појасни Мемети.

Кај невакцинираните доенчиња во текот на катаралната фаза – 1-2 недели, има незначителна кашлица, зацрвенети очи и ринитис, понекогаш и умерено покачена температура. Во текот на периодот на кашлица, има напади на кашлица кои обично се јавуваат ноќе и често се придружени со повраќање на мукус. Нападите продолжуваат во регуларни интервали во текот на 1-4 недели, а потоа стануваат поретки. Може да се повторат при нова респираторна инфекција. Во текот на фазата на кашлица пациентот е афебрилен. Ц- реактивниот протеин (ЦРП) и седиментацијата обично се нормални. Температура или покачени ЦРП сугерираат на некоја друга инфекција или секундарна бактериска инфекција. Кај невакцинирани доенчиња се јавува леукоцитоза, кај некои и лимфоцитоза.

Пертусис не е секогаш болест на школските деца, може да се јави и кај возрасни. Периодот на изолација треба да е пет дена од започнување со антибиотскиот третман. Ако симптомите траат повеќе од 3 недели, изолација е непотребна.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.