Претседателот на Алијанса на Албанците, Арбен Таравари на социјалните мрежи објави предупредување до јавноста дека негова слика е злоупотребена и ставена на препарат за слабеење.

Таравари, од институциите побара да спроведат истрага за случајот.

„Како лекар, длабоко сум загрижен за ширењето лажна реклама во мое име за производ за слабеење, за којшто се тврди дека придонесува за губење на телесната тежина.

„Ги повикувам луѓето да бидат исклучително внимателни кога наидуваат на вакви содржини, коишто во дадени околности дури може да предизвикаат и големи штети по нивната здравствена состојба.

Мој приоритет отсекогаш бил грижа за здравјето и благосостојбата на граѓаните. Сите граѓани треба да имаат пристап до точни и веродостојни информации кога станува збор за нивното здравје и благосостојба.

Ги повикувам институциите да преземат мерки против ваквите лажни реклами коишто не само што можат да ги доведат потрошувачите во заблуда, туку и да предизвикаат сериозни здравствени ризици“, напиша познатиот доктор и политичар на својот фејсбук профил.

Во корона кризата кога микробиологот Никола Пановски ја доби довербата на народот со тоа што одлучи да ја следи Хипократовата заклетва и му служи на јавното здравје и тој стана жртва на ваквите реклами. Микробилогот на својот профил на фејсбук објави дека е жртва на интернет реклама и демантира дека рекламира чај за паразити, лек или лековито средство.

Еве и мене ми дојде редот. Се видов со слика и текст. И до сега сум реагирал за да ги заштитам моите колеги. Група хохштаплери и криминалци од најдолен вид, со години, преку социјалните мрежи злоупотребуваат угледни доктори, професори, дел постојат, дел се измислени. Неовластено користат нивни фотографии, нивното име и титула, постираат нешто што тие не го кажале, па потоа продолжуваат со измислени пациенти, како тоа средство им помогнало итн. На крајот производот го продаваат онлајн, за висока цена. Неовластено се богатат злоупотребувајќи го нашиот углед стекнат со децении. Јавно лажат!, апелираше д-р Пановски, кој беше револтиран од институциите во држвата што со години не преземаат ништо против лажните реклами во интернет просторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.