Ива Милошевска, 21-годишна девојка од Велес, објави видеа во кои ја споделува својата битка со леукемијата и лекувањата во болница.
Таа ја раскажа својата приказна за да испрати апел до сите оние кои можат да ѝ помогнат со донирање на финансиски средства. Ива вели дека во овие тешки моменти се справува со помошта на нејзината мајка, која зема минимална плата.
Тие тешко успеваат да ги покријат сите трошоци за лекувањето, па ајде заедно да им помогнеме во овие лоши моменти.
Веќе 2 години се лечам од леукемија, поточно акутна миелобластна леукемија. За рок од овие две години, поминав низ многу тешки и неубави моменти кои не би ги посакала на никого. Но, за овие две години, истовремено и научив што е тоа човек да биде позитивен, што е тоа човек да се бори за самиот себе, што е тоа човек да ја сака и почитува својата фамилија, што е тоа човек да живее вистински со љубов и да цени сè што има.
Ова видео го снимам со молба и апел за помош до оние кои би можеле да ми помогнат да се донираат парични средства со кои јас би можела да го продолжам своето лекување. Поточно, моето лекување, односно мојата болест леукемија како леукемија е излечена, но имам многу сериозни последици од неа кои траат многу подолго од тоа што траеше самата болест.
Како што гледате и моментално се наоѓам во болница. Во рок од овие изминати две години, можам слободно да кажам дека повеќе време престојувам во болница, отколку во својот сопствен дом. Јасно ни е на сите дека леукемијата не се лечи тукутака, дека не е минлива работа, посебно за човек чија трансплантација е од несроден донор, од човек кој не припаѓа и не е дел од моето семејство.
Сепак, причината поради која го снимам ова видео се парични средства. Колку и да не сакам да го направам ова, сум приморана, затоа што во оваа битка се бориме јас и мојата мајка сами, а мојата мајка заработува толку минимална и мизерна плата, што искрено за ова денешно време и скапи работи, реално не можеме да достигнеме сè. Исто како што не можеме да достигнеме да ги купуваме сите лекови и да го платиме секој пат, идење и одење Велес за Скопје и секое лежење овде и купување на храна. Би била многу благодарна доколку од срце ми помогнете. Господ е со сите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.