Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) денеска свечено го одбележа неговото 100-годишно постоење. Меѓу другото, беа спомнати и заканите како Ковид-19 и дезинформациите околу безбедноста на вакцините. На настанот во Скопје беше промовирана и монографијата со наслов „100 години – Институт за јавно здравје на Република Македонија, 1924-2024 година – чувар на јавното здравје“.

Директорот, доктор Шабан Мемети зборуваше за превентивните активности што биле насочени кон закани како што се нови варијанти на инфлуенца вирусот, коронавирусот.

– Несомнено, еден од најголемите предизвици со што се соочивме во последната деценија е пандемијата со вирусот Ковид-19. Пандемијата ги тестираше нашите отпорност и способност како никогаш досега, подвлече Мемети.

Сепак, преку колективни напори, тие се движеле низ овие турбулентни времиња со издржливост и решителност.

– Денес одбележуваме 100 години посветеност на грижа на јавното здравје. Еден век витална мисија за превенција на заразните и незаразните болести, што претставуваат закана, не само за населението на Македонија, туку и глобално, додаде директорот на ИЈЗ.

Мемети се осврна и на дезинформации и скептицизам изминатите години околу безбедноста и ефикасноста на вакцините, поради што, како што рече тој, се соочуваме со епидемии на болести што се превентабилни.

Според министерот за здравство Илир Демири, пандемијата од Ковид-19 бил најдобар показател за значењето и улогата на Институтот за јавно здравје.

– Со што, се уверивме, колку е битен Институтот за јавно здравје и колку е битна специјалноста – епидемиолог, истакна Демири.

Тој, меѓу другото, рече и оти треба во многу блиска иднина да се формираат и други одделенија, сектори во склоп на Институтот за јавно здравје, во склоп на Министерството за здравство, со цел развој на програми што се во улога на превенција на здравјето и за да имаме поквалитетен здравствен систем.

Пред присутните, преку видео-обраќање, говореше и директорот на Регионалната канцеларија за Европа на СЗО, доктор Ханс Хенри Клуге.

– Ова патување почна во 1924 година, кога беше основан Институтот за тропски болести во Скопје и се разви од станица за бактериологија до лабораторија за тестирање заразни болести. Оттогаш, развојот на Македонија беше неверојатен, подвлече Клуге.

Тој рече дека тие ќе продолжат да бидат наш стабилен партнер во јавното здравје, „сега и засекогаш“.

Со видео-порака се обрати и директорката на Европскиот центар за превенција и контрола на болестите, доктор Андреа Амон.

– Во споредба со вашиот институт, нашиот, ЕЦДЦ, е многу млад. Многу сум задоволна што во изминативе 15 години, нашата соработка вроди во плодно и зрело партнерство, истакна Амон.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.