Од 24 до 30 мај пријавени се 30 нови случаи на пертусис, народски кажано голема кашлица, во државава. Заклучно со 30 мај, во Македонија регистрирани се вкупно 661 случај на голема кашлица, со инциденца од 36,0/100.000 жители, се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), објавен попладнево.

Во однос на географската дистрибуција, најголем дел од новите 30 случаи, се пријавени во рамки на епидемиите во Скопје – 21 и во Куманово – три, а пријавени се и четири случаи од Тетово и по еден од Прилеп и Кратово. Возраста на заболените се движи од еден месец до 77 години. Најголем број случаи се од возрасната група под една година.

– Дистрибуцијата по пол покажува дека 311 лица се од машки, а 350 од женски, односот на машки – женски е 1:1,1, пишува во извештајот на ИЈЗ.

Сè уште најголем број заболени лица се регистрирани на територија на Скопје – 79,9 отсто, а случаи се регистрирани и во 18 други градови низ државата.

– Од вкупниот број регистрирани случаи – 661, 400 односно 60,5 отсто не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста, или нема доказ за вакцинација. Од случаите кои се комплетно вакцинирани, просек на поминато време од последната доза вакцина до заболување изнесува 12,6 години, појаснуваат од ИЈЗ.

Од 18 јануари до 30 мај, дадени се вкупно 49.934 дози вакцина со компонента против голема кашлица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.