На годишно ниво, околу сто млади девојки под 20 години абортираат, а 11 проценти од жените на возраст од 15 до 49 години имаат барем еден индициран абортус во текот на животот. Ова се само дел од причините поради кои, како што денеска изјави д-р Глигор Тофоски, претседател на Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО), е потребно да се подобрат програмите за планирање на семејство, да се овозможи користење на соодветна контрацепција, но најважно од се, младите да бидат што повеќе инкорпорирани во системот.

-Младите луѓе треба да имаат пристап до квалитетни услуги, вработувања, познавање и пристап на услугите за сексуално и репродуктивно здравје. Овие работи, доколку ги обезбедиме за младите ќе им обезбедиме поголемо учество во јавниот живот. На тој начин, тие ќе останат во земјата и нема семејството да го формираат во друга држава, кажа д-р Тофоски на денешната панел-дискусија во организација на МАГО со поддршка на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) и Македонското лекарско друштво (МЛД).

Афродита Шалја, шеф на канцеларијата на Фондот за население на Обединети Нации (УНФПА), истакна дека една од клучните заложби на УНФПА во петгодишната програма е намалување на адолесцентната бременост, бидејќи, како што посочи, во најрана фаза на женската популација им се прекинуваат или спречуваат можностите за тие да можат понатаму да се реализираат целосно како личности.

Не треба да ги гледаме демографските промени како ризик, туку треба да ги претворивме во можност како може да го мобилизираме оној дел од населението кое што не е вклучено и во пазарот на трудот и во реализирање на своите цели и тоа е еден од начините преку планирањето на семејството, односно елиминирање на пречките што ќе доведат до нивно вклучување, вели Шалја.

Панел дискусијата на тема „Обезбедување и почитување на човековите права во свет од осум милијарди жители. Планирање на семејство, како алатка за напредок“, се организира по повод достигнување на осум милијарди жители на светско ниво.

Во светот, половина од сите бремености ‐ 121 милион, секоја година се ненамерни. Над 60 отсто од несаканите бремености завршуваат со абортуси, а се проценува дека дури 45 проценти од сите абортуси се небезбедни. Адолесцентната бременост е асоцирана со голем број на здравствени и социјални ризици за мајката, но и за плодот. Бременоста и компликациите поврзани со породувањето остануваат водечки убиец на адолесцентите во светот.

Со намалување на нееднаквостите во здравството ќе се намали стапката на смртност на мајките и деца, а со ублажување на сиромаштијата ќе се поттикне економскиот развој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.