Со подигање на стартните пакети денеска почнува официјалниот дел од третата „Трка на поезијата“, што на 21 мај ќе се одржи во Струга во организација на атлетскиот клуб „Спортски мостови“.

На трите атлетски трки, како што информира организаторот, најавени се околу 1.200 учесници од 11 држави. Во рамките на манифестацијата в сабота ќе се одржи детска трка, која ќе биде посветена на децата со ретки болести.

Да бидеме гласот на децата со ретки болести, кои се сè побројни, новодијагностицирани од најразлични дијагнози од коишто за повеќето нема никаков лек. За жал, меѓу новодијагностицираните се наоѓаат и дечиња кои само добиле генетски резултати кои ги детектираат генетските абнормалности, а самите се толку ретки што немаат ниту пак име. На нив и на нивните семејства им треба нашата поддршка во борбата невозможното да стане возможно, порачаа од здружението за ретките болести „Ретко е да си редок“

Според агендата, стартните пакети ќе може да се подигнат денеска од 16 до 20 часот, утре од 14 до 20 часот и в сабота од 8 до 19 часот. На денот на трката в недела подигање на стартни пакети нема да има.

Атлетските трки низ струшките улици ќе се одвиваат на пет и на 10 километри, додека детската трка ќе биде во пет категории за дечиња од 4 до 13 години.

Новина годинава, како што најави организаторот на манифестацијата, е тоа што официјалните маици ќе бидат испишани со поезија.

Во координација со победниците на минатите изданија на поетскиот конкурс, Биљана и Ана, но и во координација и одобрение од потомците на Димитар и Константин Миладинови на нашата официјална маица оваа година ќе ги најдете стиховите на браќата Миладиновци како едни од главните претставници на македонската преродба во средината на XIX век. Познатата „Т`га за Југ“ ќе оди на двете официјални маици од настанот, а додека „До целта“ од Ана Стојаноска ќе оди на машките учесници и „Трчам со силата на зборот“ од Биљана Тодоровска ќе оди на женските учесници на настанот, соопшти атлетскиот клуб „Спортски мостови“.

Најавија дека дел од учесниците ќе бидат истакнати атлетски имиња меѓу кои се Дарио Ивановски, Адријана Поп Арсова, Александар и Биљана Кираџиеви, Атанас Анчевски, Димитар Петровски, Весна Кираџиева, Игор Јакимовски, Жан Тосев…

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.