Зелените пазари се преполни со хрватски мандарини, кои се продаваат по околу 50 денари за килограм, што е цена пониска на пример од турските мандарини, кои чинат околу 70 денари килограм. Пониската цена на хрватските мандарини, се разбира го наметнува прашањето дали е тоа пратката хрватски мандарини преполна со забранет пестицид.
Имено деновиве хрватските медиуми на големо известуваа дека забранет пестицид, особено опасен по здравјето на децата, е откриен во овошје одгледувано во Хрватска. Европскиот систем за предупредување за храна соопшти дека „хлорпирифос е откриен во мандарини кои се продавале при контрола на продажните места во Хрватска.
Овој пестицид во август е пронајден и кај праските од Србија.
Хлорпирифос беше целосно забранет во Европската унија во април 2020 година. Познато е дека хлорпирифосот е исклучително опасен по здравјето, а особено е штетен за чувствителните категории – децата и трудниците. Бројни студии покажаа дека изложеноста на овој пестицид може да влијае на невролошкиот развој на децата и да го оштетува неродените деца.
Тестирањето на овошјето покажало дека во овошјето е пронајден забранетиот пестицид во количина од 0,033 mg/kg, додека максималната дозволена количина е 0,01 mg/kg, пишува порталот.
Овој пестицид, како што се вели, е поврзан со нарушувања во развојот на мозокот, вниманието и хормоналниот систем кај децата. Студиите и епидемиолошките наоди го поврзуваат со нарушувања во развојот на мозокот, хиперактивност, ретардација на растот, намален коефициент на интелигенција, според одлуката на Европската комисија за забрана на неговата употреба.
Побаравме одговор од Агенцијата за храна и ветеринарство дали имаат регистрирано влез или вратена пратка мандарини од Хрватска и очекуваме одговор во текот на денот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.