Во текот на месец јули, пријавени се вкупно 250 случаи на Ковид-19 низ државава. Во однос на претходниот месец јуни, се регистрира десеткратно зголемување на бројот на пријавени од Ковид-19, како и во однос на месец јули, 2023 година. Од заболените во јули 2024, најголем број – 148 се пријавени од Скопје, а највисока инциденца (43,0/100.000) се регистрира во Кавадарци, се наведува во месечниот билтен на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за движењето на акутните заразни заболувања за месец јули, објавен попладнево.
Во текот на месецот регистрирано било едно починато лице асоцирано со Ковид-19. Најголем број заболени биле регистрирани од возрасната група над 60 години и кај деца до девет години.
– Во лабораториите во кои се спроведува молекуларно и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, во текот на месец јули, се тестирани вкупно 906 материјали со повеќе од двојно зголемување на бројот на тестирани во однос на минатиот месец – 409. Од почетокот на пандемијата, заклучно со 31 јули 2024, пријавени се вкупно 350.875 потврдени случаи на Ковид-19 (I=19.103,4/100.000) и 9.992 смртни случаи (Mt= 544,0/100.000; CFR=2,8%), се појаснува во извештајот на ИЈЗ.
Тој месец во Република Македонија, пријавени биле вкупно 1.500 заболени лица од акутни заразни заболувања – без Ковид-19, грип, туберкулоза, СИДА, АФП и хронични носителства на хепатит Б и Ц и ХИВ, со вкупна инциденца од 81,7 на 100.000 жители.
– Во текот на месец јули се бележи зголемување на вкупниот број на заболени лица за 30,1 отсто во однос на претходниот месец јуни 2024, како и во однос на аритметичката средина за периодот 2014-2023, за 12,3 проценти, додека во однос на јули 2023, се бележи зголемување за 57,6 проценти, додаваат од ИЈЗ.
Меѓу другото, наведено е дека биле евидентирани два случаја на заразни заушки и еден случај на легионерска болест. Двата случаја на заразни заушки биле кај деца на возраст од осум односно девет години, вакцинирани со една доза на МРП односно пропуштени за вакцинација со втора доза на МРП вакцина – втората доза на МРП вакцина се дава на возраст од шест години, согласно Календарот за задолжителна имунизација на Република Македонија. Дијагнозата била лабораториски потврдена.
Во јули е евидентиран и еден случај на вирусен енцефалит.
– Во однос на вирусниот енцефалит, станува збор за импортиран случај на енцефалитис предизвикан од крлеж (Tick-borne encephalitis). Пациентот дал податок дека бил каснат од крлеж за време на престој во Швајцарија. Дијагнозата е потврдена серолошки, во Вирусолошката лабораторија на ИЈЗ. Случајот е регистриран во јуни, 2024, пишува во извештајот.
Кога станува збор за сексуално и крвно преносливи инфекции – без ХИВ/СИДА, биле регистрирани 13 заболени лица. Од нив, шест случаи на сифилис, четири случаи на вирусен хепатитис Б, два на гонореја и еден случај на инфекција со хламидија.
– Во текот на месец јули пријавени се пет потврдени случаи на ХИВ и два случаја на СИДА, шест случаи се од машки и еден од женски пол. Во однос на возраста, по две лице припаѓаат на возрасната група од 20 до 29, 30 до 39 и 40 до 49 години, едно лице припаѓа на возрасната група од 50 до 59 години. Согласно постоечката евиденција на пријавени случаи – заклучно со 31 јули 2024, кумулативниот број на лица регистрирани со ХИВ/СИДА во Република Македонија, за периодот 1987 до 2024, изнесува 674 и тоа 128 лица починале, 546 лица живеат со ХИВ/СИДА, се додава во извештајот.
Три пријави за епидемија на заразна болест пристигнале до Институтот за јавно здравје минатиот месец.
ЦЈЗ – Тетово пријавил епидемија на голема кашлица на 2 јули на својата територија со 39 заболени лица.
На 10 јули, ЦЈЗ – Скопје пријавил епидемија на салмонелоза на територијата на градот. Епидемијата била пријавена со 15 заболени лица, од кои седуммина биле хоспитализирани на КИБФС со Дг: Salmonelosis enteritidis Gr.D. Сите заболени консумирале храна подготвена во ист објект во Скопје. Епидемијата била одјавена на 24 јули.
– На 16 јули, ЦЈЗ/ПЕ – Гостивар пријави епидемија на алиментарна интоксикација. Во епидемијата заболеле девет лица, кои консумирале храна во ист угостителски објект во Гостивар, додаваат од ИЈЗ.
Оваа епидемија била одјавена на 31 јули.
– Во текот на месец јули, регистрирани се седум случаи на ентероколитиси, пет случаи на салмонелози, три случаи на алиментарни интоксикации и по еден случај на овчи сипаници и голема кашлица кај лица од Косово, Швајцарија, Турција, Србија, Швајцарија, Италија, Холандија, Словенија, Германија и Норвешка, кои привремено престојувале во Република Македонија, пишува во делот регистрирани болести кај странски државјани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.