Компанијата SpaceX на милијардерoт Илон Маск денеска изврши успешна пробна летачка мисија со системот Starship, петта по ред, со успешно враќање на Земјата на првата етапа од вселенскиот систем.

Пробната мисија имаше за цел да презентира можност првата етапа, ракетата „Супер хеви“ да се врати на Земјата неповредена. Таа слета не на платформа далеку во океанот, како во претходните тестови, туку директно во клештите на лансирната рампа од каде што претходно беше лансирана. Ова предизвика радосни извици и аплаузи во вселенскиот центар на компанијата во јужен Тексас.

Откако се одвои од својот ракетен засилувач, Starship продолжи да лета во вселената, направи обиколка околу половина планета, влезе во атмосферата и контролирано се урна во Индиски Океан.

Ова претставува голем чекор напред кон главната цел на SpaceX, Starship да стане вселенско летало за повеќекратна употреба. На веб-страницата на SpaceX се вели дека тоа е „вселенски брод за целосно повеќекратна употреба“ и втора етапа од системот Starship.

Леталото е достапно во неколку различни конфигурации, нуди интегрирана товарна секција и е кадарно да носи екпипаж и карго во орбитата на Земјата, на Месечината, на Марс и понатаму.

Астронаутот Крис Хедфилд, кој трипати летал во вселената, испрати честитки до SpaceX.

Денеска е направен огромен чекор напред во потенцијалите на човештвото. Ме прави уште повозбуден за нашата заедничка иднина, напиша Хедфилд на Х.

Федералната управа за авијација дозволата на SpaceX за лансирање на петтата мисија на Starship овојпат ја издаде порано отколку што беше планирано од регулаторот, а по жалбите на SpaceX дека тоа е пречка во развојот на вселенската програма на НАСА. SpaceX има договор со НАСА вреден повеќе милијарди долари за испраќање на човекот на Месечината.

На петтиот лет на Starship немаше луѓе во кабината на вселенскиот брод.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.