Компанијата „Мета“, која е сопственик на социјалните мрежи фејзбук и Инстаграм, најави отпуштање на уште 10.000 работници, како и мерка за замрзнување на вработувањата. Според пишувањето на „Гардијан“, реструктуирањето предвидува затворање на отворените огласи за 5.000 непополнети работни места во компанијата, а ваквата одлука доаѓа само шест месеци откако „Мета“ веќе објави дека ќе крати 11.000 вработувања.

Бројката на вработени во „Мета“ го достигна својот врв во 2022 година, кога имаше 87.000 вработени на глобално ниво, при што значителен дел од тие вработувања се случија на почетокот од ковид пандемијата.

Ова ќе биде тешко и нема начин да се заобиколи тоа“, напиша основачот на компанијата, Марк Закерберг во блог-пост.

Тој најави дека во текот на следните неколку месеци раководителите ќе објават планови за реструктуирање, откажување на проекти со пониски приоритети и намалување на стапките за вработувања.

Реструктуирањето и отпуштањата во технолошките групи на „Мета“ се очекуваат кон крајот на април, а во деловните групи на компанијата кон крајот на мај.

Луѓето ќе бидат попродуктивни, а нивната работа ќе биде позабавна и поисполнета. Ќе станеме уште поголем магнет за најталентираните луѓе. Затоа, во нашата „Година на ефикасност“, ние сме фокусирани на откажување на проекти кои се дупликати или од понизок приоритет“, напиша Закерберг.

Тој, исто така, навестува пресврт во потезите на компанијата да промовира своите луѓе да работат од каде сакаат.

Нашата рана анализа на податоците за перформансите сугерира дека инженерите кои првично се приклучиле на „Мета“ да работат од канцеларија, а потоа се префрлиле на работа од далечина или продолжиле да работат од канцеларија, во просек имале подобри резултати од луѓето кои се приклучиле на работа од далечина“, посочи тој.

Акциите на компанијата „Мета“ драстично пораснаа по веста за отпуштањата, зголемувајќи се за 5,82 отсто и покрај турбуленциите поврзани со колапсот на три банки во текот на минатата недела.

Според извештајот што го објави „Техкранч“, повеќе од 100.000 технолошки работници се отпуштени во првите три месеци од 2023 година, вклучувајќи 12.000 во „Алфабет“ како матична компанија на „Гугл“, 2.000 во „Пејпел“, 18.000 во „Амазон“ и 10.000 во „Мајкрософт“. „Твитер“, исто така, отпушти илјадници вработени, по октомвриското купување на компанијата од страна на Илон Маск.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.