Нова експериментална технологија на американската вселенска агенција НАСА, која е развиена за ладење на опремата во Вселената, може драстично да го намали времето на полнење на електричните возила на само пет минути, па и помалку од тоа.
Станува збор за техника наречена „изладено проточно вриење“ што го подобрува преносот на топлина од каблите за полнење и може драматично да го зголеми количеството електрична енергија што полначите може да ја достават до возилата денес. Ова всушност би го намалило времето на полнење на батериите на електричните возила, па дури и ќе овозможи полнење од нула до 100 отсто за најмногу пет минути.
НАСА тврди дека околу 1.400 ампери струја би требало да бидат доволни за полнење на батеријата на просечниот електромобил за пет минути. Агенцијата вели дека напредните полначи испорачуваат струја до 520 ампери, а стандардните помали – од 150 ампери.
Проблемот со оние со над 520 ампери е што полначот произведува значително повеќе топлина, што го прави опасен за корисниците.
Сепак, НАСА тестирала технологија што може безбедно да ги лади каблите што спроведуваат толку висок напон. Универзитетот „Пардју“ во САД го спроведе експериментот за вриење и кондензација на проток (ФБЦЕ). Испитувањето со двофазен проток во течност и пренос на топлина било изведено во трајна микрогравитација – на Меѓународната вселенска станица (МВС). Во суштина, за тестирање на методот се користеа кабли со течно ладење. Течноста што се користела за ладење на каблите била во тн. „изладена состојба“ – далеку под точката на вриење.
Користејќи ФБЦЕ-технологија, тимот постигнал 2.400 ампери по должината на кабелот. Во експериментот, течноста за ладење била пумпана низ кабелот за полнење, каде што ја апсорбирала топлината. Треба да се напомене дека иако ова е многу повеќе од 1.400 ампери потребни за полнење на електричното возило за пет минути, сепак е контролиран лабораториски експеримент и не е исто како проба во реални услови.
НАСА истакнува дека на тој начин, технологијата може да придонесе за пошироко прифаќање на електромобилите, особено зашто е развиена и тестирана во Вселената.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.