Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) упатува неколку совети за безбедно возење во зимски услови.
Користете задолжителна зимска опрема. Грижете се за техничката исправност на возилото. Безбедносниот појас секогаш нека ви биде заврзан. Излезете од дома десетина минути порано за да имате време да го загреете автомобилот, да ги одмрзнете стаклата или да ги исчистите гумите од снег и мраз. Доколку сте во можност, имајте резервно гориво во случај да има застој во сообраќајот. Возете на поголемо растојание од другите возила и одбегнувајте остри и ненадејни движења – се вели во соопштението од РСБСП.
Оттаму порачуваат да се почитува брзината на возење, посебно во близина на пешачки премин, училишта и градинки.
Немојте да забрзувате и нагло да кочите бидејќи ваквите постапки ќе доведат до лизгање. Кочете порано и имајте на ум дека мора да ја попуштите кочницата за да управувате и вртите. Во зимски услови на возење, сопирачкиот пат е за 50 проценти подолг отколку во нормални услови. Бидете трпеливи и претекнувајте возила исклучиво кога тоа е безбедно. Во текот на возењето се препорачува лесна контрола врз гасот. Во зимските услови подобро е порано да се смени степенот на пренос, односно порано менување во поголема брзина. На замрзнати површини се препорачува возење во втора брзина. Бидете информирани за состојбата на патиштата – наведуваат од РСБСП.
Од РСБСП додаваат дека е добро во автомобилот да се има мала лопата, малку песок, крпа за бришење, мала метла за чистење на снегот од стаклата, антифриз, спреј против замрзнување на стаклата и спреј за брави.
Во зима секогаш имајте полн резервоар, без разлика дали сте заглавени во градскиот метеж или имате незгода на пат. Доволното количество гориво во резервоарот ќе ви ја осигура топлината која ќе ви биде потребна за безбедно да стигнете до посакуваната дестинација – советуваат од РСБСП.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.