Врнежите од снег од утринава предизвикуваат проблеми во сообраќајот на државните патишта. На неколку патни правци воведена е забрана за автобуси и тешки товарни возила.
Поради силен ветар и големи наноси на снег на потегот од село Рогачево до граничниот премин Јажинце од 08:40 часот е воведена забрана за автобуси и тешки товарни возила, додека останатите возила мора да имаат задолжителна зимска опрема.
Забрана за тешки товарни возила е воведена и на патниот правец од Гостивар кон Стража и Кичево и на патот од Маврово кон Дебар.
Поради интензивни снежни врнежи од 08:45 часот на патниот правец А2 Струга – Граничен премин Ќафасан се воведува забрана за тешки товарни возила.
На останатите државни патишта сообраќајот се одвива во зимски услови, по влажни коловози.
Од јавното претпријатие „Македонијапат“ апелираат до учесниците на сообраќајот да ја почитуваат пропишаната законскa одредба за поседување задолжителна зимска опрема, да користат зимски гуми, да ја прилагодат брзината кон условите на патот, како и да имаат топла облека во своите возила и полни резервоари за гориво.
Службите на Ј.П. Македонијапат ќе бидат постојано на терен, во потполна подготвеност и ќе ги одржуваат сите патни правци да бидат проодни, велат од ова јавно претпријатие.
Во текот на денешниот и утрешниот ден се очекуваат обилни врнежи од снег и ниски температури проследени со појава на северен ветер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.