Православната црква и нејзините верници утре ќе го одбележат големиот празник, Преображение Господово.

Преображението Господово во Православието е познато и како летно Богојавление, бидејќи тогаш небото се отвори и се слушна гласот на Отецот Бог. Се верува дека, во пресрет на празникот, „вратата Божја“ се отвора на небото, каде што самиот Господ се појавува и ги исполнува желбите.

Овој празник секогаш паѓа во време на Богородичниот пост. Затоа празничната трпеза е збогатена со вино и риба. На крај на светата литургија се осветува и грозје, кое се дели на гробовите за покој на душата.

Кај народот постојат повеќе верувања поврзани со овој празник кои постојат и денес.

Се вели дека за среќа, токму на овој ден за прв пат во годината се бере грозје. Грозјето потоа се носи во црквата каде што свештеникот по молитвата го благословува. Освен грозјето, се верува и дека другите есенски плодови носат среќа, па така порано се осветувале и јаболката, сливите, крушите.

Во народот постои верување дека на овој празник целата природа се преобразува, дека од денеска ноќите стануваат поладни како и дека од овој ден почнува да се најавува скорешното доаѓање на есента. Некогаш на овој ден се завршувала и сезоната на капење.

Врежано е мислењето дека на Преображение и небото, во глуво време на ноќта, три пати се преобразува, и дека оној што ќе го види тоа и тоа ќе го обелодени на друг, ќе го изгуби разумот.

Како што се верува, на денешниов ден никако не треба да се бањаме во отворени води, реки и мориња. На Преображение никако не е добро да се спие преку ден, бидејќи кој отспие преку ден, цела година ќе биде дремлив.

Не е добро ни да се плаче, ниту пак цел ден да се помине во кафеана, како не би станале расипници.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.