Забрзан е транспортот на стока на граничниот премин Богородица по поставувањето на новата дигитална вага со која се контролира тежината на секој камион кој поминува низ преминот. Со нејзиното поставување е значително скратено времето на чекање на граничниот премин каде дневно поминуваат околу 245 камиони коишто пред да се царинат на царинска испостава Гевгелија, или да се пуштат за транзит, задолжително се мерат на овој премин. Нејзиното поставување беше едно и од клучните барања на транспортерите.
Управничката на царинарница Гевгелија, Тања Илијоска, вели дека тежината на декларираната стока е првиот индикатор за проверка на точноста на информациите и е многу важна при контрола на секој внес, изнес и транзит на стока.
„На преминот се мери секоја стока, вклучувајќи ги и празните цистерни се со цел да се направи сеопфатна контрола на истата, односно проверка на точноста на декларираната тежина. Од почетокот на годинава заклучно со 31 октомври на влез на граничниот премин Богородица се измерени вкупно 74.685 товарни моторни возила. Поставувањето на новата дигитална вага значително го забрза транспортот на стока на преминот. Мерењето е клучно за овозможување услови за фер конкуренција, но и за сузбивање на сивата економија и спречување шверц на стока“, потенцира Илијоска.
Средствата за поставување на вагата се обезбедени преку ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција – Република Македонија „Преминуваме граници“.
Ова е прва дигитална вага како дел од процесот за целосна дигитализација и автоматизација на терминалите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.