Возете одговорно и безбедно и дадете свој придонес за намалување на сообраќајните незгоди, со што ќе се намали и бројот на загинати и повредени лица! Стоп за смртта на патиштата! – апелираат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) по повод Светскиот ден на сеќавање на жртвите во сообраќајни незгоди што се одбележува денеска.

„Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди се одбележува од 1993 година, а во 2005 година ООН го прогласи за светски ден кој се одбележува секогаш во недела во третата седмица од месецот ноември. Оваа година на 19 ноември бројни релевантни институции и организации од целиот свет се ангажираат за да се потсети јавноста на милионите лица кои загинале или биле повредени во сообраќајни незгоди, да им се даде помен на истите, но и за да се подигне свеста кај учесниците во сообраќајот за последиците од сообраќајните незгоди со цел да се намали бројот на загинати и повредени“ – потсетуваат од РСБСП.

Овој ден е посветен и на членовите на семејствата на загинатите и повредените во сообраќајни незгоди, како и на сите оние кои се соочуваат со физички или психички последици од сообраќајни незгоди, а признание им се оддава и на службите за итна медицинска помош, противпожарните единици и сиот медицински персонал, но и на сите општествени чинители кои пружаат помош на повредените и на семејствата на загинатите и повредените лица.

„Годишно, во светот, околу 1,35 милиони луѓе го губат животот во сообраќајни незгоди, а околу 50 милиони лица се здобиваат со повреди. Во Република Македонија, минатата година, 124 лица го загубија животот во сообраќајни незгоди, а 3.834 биле повредени. Според податоците за 2023 год., до месец август бројот на загинати во сообраќајни незгоди изнесува 85, додека бројот на повредени лица изнесува 2805 што е значително помалку во споредба со последните четири години. Сепак, според светската визија за нула жртви во сообраќајот, сите заеднички треба да преземаме суштински активности за зголемување на безбедноста на сообраќајот на патиштата.

Затоа РСБСП упатува апел: „Возете одговорно и безбедно и дадете свој придонес за намалување на сообраќајните незгоди, со што ќе се намали и бројот на загинати и повредени лица! СТОП ЗА СМРТТА НА ПАТИШТАТА!“ – истакнуваат од РСБСП.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.