Четири залутани лица, две жени, еден маж и едно дете (на возраст од 29, 18, 35 и 7 години) доцна синоќа биле заглавени на исклучително стрмен терен, пред манастирот Мала Богородица по клисурата на реката Пчиња под автопатот Скопје Велес. Спасители со чамец по Пчиња од Катланово стигнале до опасната локација каде што биле залутаните лица и безбедно ги извлекле од десниот на левиот брег, а потоа и до автопатот. Теренот таму е исклучително стрмен и опасен за движење, информираа од Центарот за управување со кризи.
Изгубената група се обидувала по стрмен терен да стигне до манастирот Мала Богородица, по што се загубиле и немале можност да се вратат.
Спасителите беа од доброволното друштво „Македонски спасител безбедност на вода и планина Велес“, заедно со припадници на САЕ „Тигар“. По реката спасителите наишле на многу препреки, па на неколку места чамецот го пренесувале на раце, а на едно место дупнатиот чамец и на терен го лепеле. Студенилото, мракот и влажноста дополнително ја отежнувале потрагата, а залутаните лица имале само лесна дневна облека, маички по кратки ракави.
Рано утрово, во два часот по полноќ лицата биле безбедно префрлени преку реката Пчиња и извлечени горе на автопатот.
Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов изрази голема благодарност на сите ангажирани во спасувачката акција за безбедно пронаоѓање и префрлање преку реката со чамец и извлекување на лицата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.