Новогодишните празници се време за дружења со најблиските и пријателите, за споделување на среќа и благосостојба, што значи поголема раздвиженост на луѓето, почести патувања, односно поголем број на возила во сообраќајот на патиштата, но и пониски температури и лизгави коловози, истакнуваат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).

За избегнување на несакани ситуации во сообраќајот и за среќни и незаборавни празници, РСБСП на возачите им препорачува да ги почитуваат правилата и прописите во сообраќајот, да не конзумираат алкохол кога управуваат со моторно возило, да не користат автомобил доколку немаат потреба за тоа, да ја почитуваат пропишаната брзина, да внимаваат на зимските услови за возење, да управуваат технички исправно возило, да не користат мобилен телефон додека возат, да користат сигурносен појас, да одржуваат растојание помеѓу возилата и слично.

Од РСБСП ја честитаат Новата 2023 година и советуваат за среќни моменти, насмевки и доживувања, граѓаните да бидат внимателни во сообраќајот. Да се ужива во празничното расположение, да се прославува одговорно и да се вози безбедно.

Гордана Кожуваровска, претседател на РСБСП, посака Новата 2023 година да донесе многу радост, среќа и благосостојба во секој дом. Таа апелираше сите заедно да придонесеме за издигнување на безбедноста на сообраќајот на уште повисоко ниво. Граѓаните да ги почитуваат правилата и прописите и да бидат одговорни учесници во сообраќајот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.