При возење во зимски услови, кога патот е исклучително лизгав, најважна е смиреноста и внимателното ракување на возачот со командите затоа што ненадејните и остри маневри се контрапродуктивни, порачува Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) и посочува дека автомобилот треба добро да се подготви за зимата.

Од РСБСП на возачите им препорачуваат пред да се вклучат во сообраќај да седнат правилно и да си обезбедат добра видливост.

Правилното седење е основа за безбедно возење во какви било услови, а особено е важно кога се предизвикувачки, како во зима. Затоа, не „легнувајте“ зад воланот, не спуштајте го наслонот на седиштето за едвам да стигнете до воланот, бидејќи во оваа положба не можете да реагирате ниту брзо ниту адекватно, посочуваат од РСБСП.

Нагласуваат дека потпирачот за грб треба да биде поставен колку што е можно поисправено и доволно оддалечено од воланот.

Во зима, поради студот, обично носиме гломазни, тешки и дебели чевли и облека. Сето тоа е во спротивност со принципите на безбедно возење. Важно е да го чувствувате автомобилот што е можно подобро. Вкочанетите и тврди зимски чевли и подебелата облека ве ограничуваат во движењата и брзината на реакцијата во исто време, што може да биде пресудно за безбедно возење во зима. Затоа, штом се загрее кабината во автомобилот, бидете удобни. Доколку возењето е подолго, размислете да користите дополнителен пар меки чевли само додека возите, велат од РСБСП.

Покрај задолжителната стругалка за мраз или спреј за одмрзнување стакло, додаваат, во багажникот корисно е да ставите и некои други додатоци кои би можеле да ви бидат од помош во зима (на пример: стари ракавици и ќебиња во случај да треба да менувате гума).

Чадорот е нешто што во секој случај би било корисно да се има во автомобилот, а ако сакате да ја зачувате внатрешноста на вашиот автомобил, корисно е да купите гумени теписи кои собираат влага која ја внесуваме во автомобилот со чевлите, препорачуваат од РСБСП.

Нагласуваат дека шофершајбната треба да биде исчистена од надвор и одмрзната исто како и задното и страничните стакла и ретровизори.

За добра прегледност од позицијата на возачот, прво треба да ја исчистите шофершајбната која во зима може да биде замрзната или покриена со снег. Притоа ветробранското стакло треба да се чисти цело, а не само во средината. Откако целосно ќе ја исчистите шофершајбната однадвор, бидејќи температурите во зима се ниски и има многу влажност во воздухот и околината, кога ќе влезете во автомобилот често се случува таа да се замагли од внатрешната страна. Затоа, треба да се одмагли пред да почнете да се движите. По палењето на моторот вклучете ја вентилацијата најсилно и насочете ја кон шофершајбната. Корисно е да ја вклучите климата без разлика колку е студено, бидејќи климата го суши воздухот. Пред возењето, покрај обезбедувањето видливост на шофершајбната, неопходно е истото да се направи и со задното стакло. Затоа, откако ќе изгребете мраз или снег од шофершајбната, истото треба да го направите и со задните и страничните прозорци, како и со ретровизорите. Во повеќето модерни автомобили задното стакло и надворешните ретровизори имаат вградени електрични грејачи кои им овозможуваат не само брзо одмрзнување, туку и одмаглување. Имајте на ум дека тие трошат многу електрична енергија, затоа користете ги само кога работи моторот, посочуваат од РСБСП и апелираат за поголема безбедност на сите учесници во сообраќајот, возачите да ги применуваат советите за возење во зимски услови.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.