Управата за хидрометеоролошки работи најавува нестабилно време со пообилни врнежи и локално невреме.

Како што информираат од УХМР, под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса, денеска во вечерните часови почнувајќи од запад ќе има врнежи од дожд кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде.

– Во текот на ноќта, наместа врнежите ќе бидат поројни, проследени со грмежи и засилен ветер, стои во соопштението од УХМР.

Во Скопје денеска во вечерните часови, во текот на ноќта и утре времето ќе биде облачно со врнежи од дожд. Во делови од котлината ќе биде нестабилно со интензивен пороен дожд (над 20 l/m2), грмежи и засилен ветер.

– Во случај на појава на електрични празнења се препорачува поголема внимателност, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја, велат од УХМР.

Времето утре ќе биде претежно облачно и значително посвежо, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално ќе има појава на невреме, со интензивен пороен дожд (над 30 l/m2 за 24 часа), грмежи, силен ветер (над 70 km/h) и услови за појава на град.

Во среда ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи, а преодно стабилизирање на времето во четврток.

Под влијание на нова влажна и нестабилна воздушна маса врнежи повторно се очекуваат во петок.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.