Новинарот Владимир Богоев, еден од основачите и долгогодишен уредник на весникот „Дневник“, почина на 61 година, соопшти на социјалните мрежи неговиот син, поранешниот градоначалник на Карпош Стефан Богоев.

Роден во Скопје, Богоев дипломираше на Интердисциплинарните студии по новинарство на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Професионалниот новинарски ангажман го почна во „Вечер“ во 1988, каде остана до основањето на „Дневник“ во 1996, весникот во кој прво беше уредник, а потоа и помошник-главен уредник. Откако гермaнскиот медиумски концерн „Вест дојче алгемајне цајтунг“ (ВАЦ) ги купи весниците „Дневник“, „Утрински весник“ и „Вест“ и се формира „Медиа принт Македонија“, Богоев беше дел од менаџерскиот тим.

Си замина мојот татко, а ваш другар и пријател Владимир Богоев. Тажен сум зошто го нема, пресреќен сум зошто го имав во животот., напиша на Фејсбук поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стефан Богоев.

Човечиште во секоја смисла на зборот, бескрајно скромен и секогаш спремен да помогне. Новинар, еден од основачите на “Дневник”. Ти благодарам што си ми татко, ти благодарам за СЕ ! Муабетете со Трајко и трчајте со Лиле на небото. Еден ден, ќе бидеме заедно пак, ќе збориме за политика, ќе се закачаме за Барса и Реал… А до тогаш, со зборовите на твоите Queen, Show must go on…, пишува Богоев.

Погребот ќе се одржи утре, среда, во 12 часот, на гробиштата во Бардовци, во дворот на црквата Света Троица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.