Најтажниот ден во христијанството нека биде денот кога повеќе ќе внимавате што зборувате, а помалку ќе внимавате што и како јадете.
Велики петок, денот кога Исус Христос бил распнат на крстот на Голгота, е ден на голема жалост, па затоа се одбележува со строг пост, воздржување од веселби и прослави, а според традицијата, на овој ден не треба да се извршуваат никакви обврски, ни надвор ни во домот. Црковните ѕвона не ѕвонат на овој ден.
Се вели дека на овој ден не треба да се јаде, а камоли да се работи. Како на строг пост, како што се вика „пост на вода“ тој ден во црквата луѓето се честат со леб, пипер, и сол. Некои луѓе јадат стоејќи, а други ништо не јадат цел ден сочувствувајќи со распнатиот Исус. Тогаш се оди во црквата каде што оставаат дарови на Распетието Христово, а цвеќето на „плаштеникот-оплакувањето Христово“.
Според канонот, на трпезата може да има само храна подготвена исклучиво во вода: зеленчук на пареа, свежо или суво овошје и зеленчук, како и леб, мед и варен ориз.
Многумина грешат кога мислат дека денес се дозволени посни грицки – крекери, стапчиња, чипс, наполитанки и други кондиторски производи без млеко, бидејќи содржат или масло или маргарин. Не се пожелни ниту локумот ниту бонбоните од желе, бидејќи содржат желатин.
Посебно не е препорачливо да се посолува храната, бидејќи се смета дека на тој начин дополнително се сипува сол по Исусовите рани. Кога јадете, исто така не треба да користите вилушка и нож.
Бидејќи велигденскиот пост е исклучително строг, верниците кои строго се придржуваат до неговите правила треба да се воздржуваат од храна и пијалоци на Велики петок до зајдисонце. А од овој обичај се ослободуваат само децата, трудниците и болните.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.