Науката нема интерес да предвидува, иако однапред знае каде каде може да се случат земјотреси, бидејќи постојано со инструменти ги следи движењето на земјината кора, но е многу несериозно, неодговорно, непринципиелно и не е базирано на факти да се каже дека може да се знае кога ќе се случи потрес, вели директорот на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС), Влатко Шешов во интервју за МИА.

Ако ние кажуваме дека постои веројатност дека во наредните 100 години ќе се случи еден земјотрес, кој ќе надмине магнитуда, да кажеме од 6 степени, тоа значи дека нашите податоци покажуваат дека во тој временски период тие раседни структури произведуваат енергија која што во еден момент ќе се ослободи и ќе предизвика таков потрес. Тоа е веќе научно искажан факт – нагласува Шешов.

Тој потенцира дека од тој аспект најбитно е да се има широка мрежа на инструменти коишто ги следат и оние микродвижења на земјината кора кои луѓето не ги чувствуваат, во поглед на сеизмичката енергија што се акумулира и да се знае дека во наредниот период во тоа подрачје можеме да очекуваме некој посилен потрес.

Треба да работиме на тоа како да обезбедиме да се почитуваат техничките прописи, да имаме современи сознанија како сеизмички изолации и слично. Земјотресите ќе си се случат, а ние треба да си ги припремиме нашите згради да бидат ОК и нашите домови да бидат добри за да бидеме сигурни – додава Шешов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.