На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје започнува вториот уписен рок за прв циклус студии за учебната 2024/2025, каде се останати слободни места на речиси сите факултети. Сите заинтересирани можат да аплицираат на 17 и 18 септември.

На Архитектонскиот факултет во првиот уписен рок се пополнети сите слободни места, додека на Градежен факултет се слободни 233 , од кои 123 се наменети за редовни студенти кои се финансираат од Буџетот на Република Македонија, а 110 за редовни студенти со школарина.

На Факултетот за електротехника и информациски технологии за редовни студенти во државна квота се слободни 194 места, додека за приватна квота се слободни 99 места.

На Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство за редовни студенти кои се финансираат од Буџетот на РСМ слободни се 59 места, од кои најмногу – 41, на смерот компјутерско инженерство. За редовни студенти со школарина слободни се 254 места на ФИНКИ.

Четиристотини педесет и две места за редовни студенти во вториот уписен рок се слободни и на Машинскиот факултет, додека на Технолошко-металуршкиот факултет се слободни 238 места.

На Природно-математички факултет, за редовни студенти во државна квота слободни се 418 места, за студенти во приватна квота слободни се 324 места, додека за вонредни студенти слободни се 103 места.

На Економски факултет нема слободни места за студенти кои се финансираат од Буџетот на РСМ, додека за редовни студенти со школарина слободни се 89 места, а за редовни 49 места.

На Правниот факултет „Јустинијан Први“ , за редовни студенти кои се финансираат од Буџетот на РСМ слободни се 100 места, за студенти со школарина 323, додека за вонредни студенти се слободни 49 места.

Петстотини деведесет и две места за вториот уписен рок за прв циклус студии се слободни и на Филозофскиот факултет, додека на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ се слободни околу 300 места за сите смерови, за редовни и вонредни студенти.

На Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ за редовни студенти во државна квота се слободни 96 места, за студенти со школарина 150, додека за вонредни студенти со школарина се слободни 46 места.

На Факултетот за физичко образование, спорт и здравје нема слободни места за редовни студенти кои се финансираат од Буџетот на Република Македонија, додека за редовни студенти со школарина се слободни 73 места, а за вонредни студенти 98 места.

Само девет места се слободни на Медицинскиот факултет за студенти кои се финансираат од Буџетот на РСМ, додека за редовни студенти со школарина се слободни 106 места, а за вонредни 92 места.

На Фармацевтскиот факултет се слободни 71 место, додека на Стоматолошкиот факултет само 13 места.

Двесте деведесет и две места се слободни за редовни студенти во државна квота на Факултетот за земјоделски науки и храна, 120 за студенти со школарина и 83 за вонредни студенти.

На Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ се слободни 161 место, на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер се слободни 57 места, додека на Факултетот за ветеринарна медицина се слободни 52 места.

Само едно место е слободно на Факултетот за драмски уметности, додека на Факултетот за ликовна уметност, само седум места.

На Факултетот за музичка уметност се слободни вкупно 141 место за вториот уписен рок на прв циклус студии, од кои 52 за студенти во државна квота, а 89 за студенти во приватна квота.

Сите детални информации за уписите можете да ги најдете на официјалната веб-страна на УКИМ: http://www.ukim.edu.mk.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.