Не сите населби во Скопје имаат вода за пиење кога температурите ќе достигнат 40 степени, ова е посебно изразено на местата кои се наоѓаат во високите зони. Припор и Сопиште речиси секоја година немаат вода за пиење пренесува телевизија Алфа.

Граѓаните во 21 век се приморани да полнат шишиња и кофи за да можат да се напијат вода и да остварат неколку хигиенски потреби. Овој проблем како што објасуваат жителите на овие две населени места за Алфа најмногу е изразен навечер од 19 до 22 часот.

Од Водовод велат дека нема никаков дефект на мрежата и се работи само за оптеретување во летниот период. Притоа упатија апел до граѓаните рационално да ја користат водата за пиење, односно да се избегнува полевање поголеми површини, разладување на дворни површини, улици и непотребно трошење за време на топлите денови.

Особено да се избегнува непотребното трошење на водата за полевање на бавчи и ниви, полнење на базени и слично, што предизвикува нестабилност во водоснабдувањето во високите зони на градот, како што е Припор, Сопиште и повисоките делови од општина Бутел.

Според извештајот на Водовод од пред неколку години потрошувачката во просек на дневно ниво се движела помеѓу 280.000 до 290.000 кубни метри. А во деновите со многу високи температури достигнувала и до над 300.000. Според податоците на Евростат, жителите од ЕУ просечно трошат околу 200 литри вода дневно, додека во Македонија, просечната потрошувачка достигнува до 323 литри по жител.

Само во Скопје на лето секој жител во просек троши околу 500 литри вода.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.