Православните верници денеска го празнуваат Крстовден (Воздвижение нa Чесниот Крст).

На овој ден се празнуваат два настани поврзани со Чесниот Крст: прво, пронаоѓањето на Чесниот Крст на Голгота, и второ, враќањето на Чесниот Крст од Персија во Ерусалим. Обиколувајќи ја Светата Земја Св. царица Елена намисли да го побара Чесниот Крст на Христос. Некој старец Евреин, по име Јуда, единствен знаеше за местото каде што се наоѓаше Крстот, па принуден од царицата изјави дека Крстот е закопан под храмот на Венера, којшто на Голгота го подигна царот Адријан. Царицата нареди и го разурнаа оној идолски храм, па копајќи во длабочина најдоа три крста. Додека царицата беше во недоумение како да го распознае Христовиот Крст, покрај местото поминуваше поворка со мртовец. Тогаш патријархот Макариј рече да ги полагаат крстовите редум врз мртовецот. А кога го ставија врз него третиот крст, покојникот оживе. По тоа познаа дека е тоа вистинскиот Христов крст, чесен и животворен. Потоа го положија врз една болна жена и жената оздраве. Тогаш патријархот го крена крстот за да го види сиот народ, а народот со солзи пееше: „Господи помилуј!“ Царицата Елена направи ковчег од сребро и го положи во него Чесниот Крст. Подоцна, кога царот Хозрој го зазеде Ерусалим, многумина ги одведе во ропство, а Крстот Господов го однесе во Персија. Во Персија Крстот лежеше четиринаесет години. Во 628 година грчкиот цар Ираклиј го победи Хозрој и со слава го поврати Крстот во Ерусалим. Влегувајќи во градот царот Ираклиј го носеше Крстот на своите плеќи. Но одеднаш застана и не можеше да зачекори ни чекор. Патријархот Захариј виде ангел којшто му попречуваше на царот во раскошни облеки да оди под Крстот, по оној пат по којшто Господ одеше бос и понижен. Тоа видение патријархот му го објави на царот. Тогаш царот се слече, па босоног и во бедна облека го зеде Крстот, го изнесе на Голгота и го положи во храмот на Воскресението, на радост и за утеха на целиот христијански свет.

Тропар- Спаси ги, Господи, луѓето Твои, и благослови го наследството Твое, победи на благоверниот народ наш над непријателите давајќи му, и со Крстот Твој заштити го Твоето жителство.

Кондак- Ти, Кој доброволно на Крстот се искачи, на Твојот нов народ што го носи Твоето име, дарувај му ги Твоите добрини; дај му сила на Твојот народ набожен, давајќи му победа над непријателите, имајќи го за помош Твоето оружје на мирот, непобедливата победа.

Во народните верувања, на денот кој се нарекува Крстовден, се смета дека сите молитви ќе се остварат.

Според народните верувања од Крстовден почнува есента. Се вели дека денот и ноќта се крстосуваат, а температурата почнува да се намалува.

Од Крстовден почнува гроздоберот, а првото откинато грозје мора да се однесе во црквата, за да се освети. Почнува и сеидбата на зимските житни култури.

На Крстовден највозрасните жени во домот е потребно да испечат специјален обреден леб, украсен со голем крст на средината. Лебот се раздава, кога целото семејство е на масата и се вели Крстец крст да боли мене, крст да не боли. Се смета дека со овие зборови луѓето се штитат од болки во грбот за време на работа.

На Крстовден се почитува и строг пост – не треба да се јаде ништо црвено како пиперки, домати, ’родокви, црвени јаболка и друго. Не се јаде ни храна во тркалезна форма што потсетува на глава. На трпезата освен обреден леб задолжително треба да присуствува печена тиква и грозје. Во народните верувања се вели дека сите молитви ќе бидат слушнати на овој ден.

Се проценува дека во ноќта спроти Крстовден, Господ слегува на земјата и ја исполнува секоја посакана желба.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.