Православните верници денеска ја празнуваат Лазарова сабота, позната и како Лазарици или Лазаровден — еден од поголемите христијански празници од пролетниот циклус којшто е променлив празник и секогаш се паѓа еден ден пред Цветници, кои се точно една недела пред најголемиот празник Велигден.
На овој ден се споменува чудесното воскресение на четиридневно упокоениот Лазар извршено од Исус Христос. Овој настан бил на шест дена пред предавството и убиството на Христос на Голгота.
На Лазарева сабота обичај е да се носат гранчиња од врба што симболично претставува свечено Христово влегување во Ерусалим, каде што го пречекале следбениците.
Во Македонија овој празник има големо значење и масовно се прославува низ целата земја.
Од раните утрински часови групи девојчиња, Лазарки, облечени во традиционална невестинска облека одат низ населените места и пеат лазарски песни. Има повеќе лазарски песни и се користат според личниот, семејниот или општествениот статус на лицето за кое е наменета песната. Песните обично се со оптимистична и духовита содржина и посакуваат здравје, успех и напредок.
На овој ден обично се оди на река и се вели: Колку далеку го фрлив овој камен, толку подалеку да биде змијата од мене! Дента се бере цвеќе, но не се внесува дома, туку важно е да се остави во дворот. Потоа со цвеќето се кити домот, а со водата каде стоело се замиваат домашните.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.