Новиот анекс на Договорот со кинески „Синохидро“ за изградба на автопатот Кичево-Охрид се однесува само на продолжување на временскиот рок за изградба кој сега се предлага да биде до крајот на 2026 година, а финансиските средства за изградба остануваат непроменети, односно 598 милиони евра, изјавија за МИА од Министерството за транспорт и врски, откако Владата синоќа усвои Информација на продолжување на рокот за  изградба и законот  го препрати на усвојување во Собранието.

Од Министерството за транспорт посочуваат дека Одлуката за продолжување на рокот е заснована врз основа на информациите содржани во извештајот од ФИДИК експертот кој беше изготвен поради истекот на претходниот рок од 31 декември 2023 година.

Согласно новиот анекс, изведувачот се обврзува да ги изгради и да ги пушти во сообраќај до 31 ноември 2026 година подделниците 1 и 2, до 31 август 2025 година делница 2.2 и делница 3, а до 30 септември 2026 година делниците 4 и 5.

-Продолжувањето на рокот е неопходно поради појавата на новите 13 свлечишта што се појавија на трасата, а како резултат на несоодветното проектирање и прераното започнување на изградба без да се земат предвид реалните состојби на теренот коишто требало да се третираат во првичната проектна документација, објаснуваат од Министерството за транспорт.

Потенцираат дека изградбата на автопатската делница е приоритетен проект за Владата, како дел од Коридорот 8 и се преземеаат сите активности за да биде завршен согласно сите градежни и безбедносни стандарди.

 

Анексот на Договорот за автопатот Кичево-Охрид, што почна да се гради во февруари 2014 година, ќе биде шести по ред. Изградбата на автопатот со вкупна должина од 57 километри првично беше проектирана на 374 милиони евра, а по неколкуте анекси на договорот и продолжувања на роковите неговата цена достигна 598 милиони евра.  На крајот на минатата година ресорното Министерство ангажираше експерт за Фидик-договори задолжен да направи анализа на Договорот за изградба на автопатската делница. Ангажираното вешто лице доставило извештај до Владата во која се посочуваат три опции – да се продолжи договорот со изведувачот „Синохидро“, продолжување на договорот со пенали и како трета опција целосно раскинување на договорот.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.