Над 1,3 милиони ученици во Грција денеска се враќаат во училишните клупи, а новата учебна година започнува со десет промени, меѓу кои и забрана за користење на мобилните телефони за време на наставата, додека за прекршување на мерката, но и за снимање или сликање предвидени се казни, јави дописничката на МИА од Атина.

Првото училишно ѕвонче наместо денеска ќе заѕвони утре во училиштата во северниот дел на Грција, откако поради невремето „Атена“ што ја зафати земјата беше одлучено да се пролонгира за еден ден почетокот на наставата.

Учебната година во Грција носи и новини, а меѓу другото, годинава има дополнителни вработувања на 10.000 просветни работници, се воведуваат автономни класови во оддалечени и малку населени места, а први се малите острови Гавдос и Арки, се проширува програмата со интерактивните табли; се воведува специјална апликација e-Parents за информирање на родителите и старателите за оценките на учениците, а за оние кои ќе полагаат државна матура, ќе постојат попладневни бесплатни дополнители часови за подготовка.

Новините, што имаат за цел да го подобрат наставниот процес и училишниот живот, беа презентирани пред две седмици на средбата на грчкиот премиер со раководството на Министерството за образование, религија и спорт, додека пак Мицотакис преку видео што синоќа го објави на Тик Ток говори за „Десетте промени што ќе ги видиш годинава на училиште пред да излезе новата GTA 6“.

-Училниците се менуваат и наставата веќе ќе биде со речиси 40.000 дигитални интерактивни табли, кои ќе бидат поставени до крајот на 2024 година за учениците од петто одделение до оние во средните училишта. Веќе осум од десет училишта имаат такви интерактивни табли. За родителите: преку дигиталната апликација e-Parents може да следат оценки и отсуства. Извинете, деца!, вели грчкиот премиер во видеото.

Во продолжение се осврнува на новиот начин на работа на училиштата со построги правила, објаснувајќи дека ако еден ученик предизвика штета, санацијата ќе биде на товар на родителите, додека пак за употребата на мобилниот телефон посочува дека за време на наставата „мобилниот треба да биде во ранец“.

Од Министерството за образование, религија и спорт пред две седмици информираа дека Грција им се приклучува на европските земји кои се стремат кон забрана за користење на мобилни телефони во училиштата, објаснувајќи дека Португалија и Шпанија целосно ја применуваат, во Франција и Финска се применува со одредени промена, додека Кипар и Шведска се блиску до нејзино усвојување.

За непочитување на забраната, предвидено е ученикот да биде избркан од сите часови во текот на денот, во случај да ги снима или фотографира наставниците или соученици, без нивна согласност, казната е тридневна суспензија, додека ако е со согласност ќе биде суспендиран од еден до три дена



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.