Родителите на штипската четворка и официјално добија плац за изградба на куќа во централното подрачје на Штип. Општината преку Советот ја донесе одлуката за оттуѓување на земјиште без надоместок, по што градоначалникот ќе склучи договор со семејството Зикови за доделување на градежното земјиште кое се наоѓа во близина на Црквата „Св. Илија“ во Штип.

Фото: МИА

Секретарот на Општина Штип, Вишна Шорова-Ангелова истакна дека дополнително ќе следи и Одлука за ослободување од комуналии, што исто така беше најавено од страна на градоначалникот Јорданов.

Денес Советот на Општина Штип донесе Одлука со којашто го овласти градоначалникот на Општина Штип да оттуѓи градежно земјиште без надоместок. Се работи за градежно земјиште коешто е во сопственост на Општината и коешто е со површина од 455 м2 и истото ќе биде доделено на семејството Зикови коишто неодамна како дел од своето семејство имаат четири дечиња. Оваа социјална мерка Општината ја предвиде со цел да се помогне на оваа фамилија за да го реши нејзиното станбено прашање, а да ги поттикнеме и останатите граѓани да го зголемуваат наталитетот, вели Шорова-Ангелова.

Општина Штип за четворката на семејството Зикови најави секаков вид поддршка, меѓу која освен градежното земјиште без комунали, предвидени се и 40.000 денари еднократна парична помош и бесплатна градинка. Јорданов посочи дека во зависност од потребите на семејството ќе се разгледуваат и можностите за дополнителна помош и поддршка.

Семејството Зикови пред два месеца доби четворка, која е втора по 26 години во Штип. Три момчиња и едно девојче донесоа радост во домот на брачниот пар Благица и Александар.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.