Авторката Вики Андонова вчера (28 ноември) во „Литература.мк суперстор“ во „Ист гејт мол“ ја промовираше својата книга „Природна нега за вашето дете“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

„Природна нега за вашето дете“ претставува мал практичен водич за грижа и нега на децата на природен начин, опфаќајќи повеќе аспекти поврзани со животот на новороденчето и неговиот раст и развој. Во ова дело се разгледуваат сите најчести проблеми со кои се соочуваат родителите, од раѓање на децата до пубертетот, а со цел да се подготват за понатамошниот живот како возрасни личности кои на најдобар можен начин ќе се грижат за себе, за своето здравје и за својот изглед.

Книгата е поделена на четири главни дела. Првиот дел е посветен на фитотерапијата и нејзините две гранки – гемотерапијата и ароматерапијата. Вториот дел ги третира најчестите проблеми со детското здравје, а третиот дел е посветен на негата на детската/тинејџерска кожа. Четвртиот дел се осврнува на оралната хигиена и важноста на правилната грижа за забите кај децата и тинејџерите.

На промоцијата се одржа кратка презентација за орална хигиена за деца, работилница на два производи од книгата со авторката и презентација со производи од брендот Olival за младешка проблематична кожа.

Ова е втора книга од авторката по книгата „Природно убави со Биодевојка“, која е исто така во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

„Природна нега за вашето дете“ е дело создадено во соработка со италијански и домашни експерти за секое поле опфатено во овој труд, а голем дел од рецептите се дело на долгогодишна работа и веќе се докажани како ефикасни и лесно применливи.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.