Само лоши вести во последно време, нели? Секојдневно се повеќе сме разочарани од тоа што го читаме по медиумите, од она што го гледаме на телевизија. Многумина дури и свесно избегнуваат да следат вести, чувствувајќи апатија и летаргија поради огромната количина на негативна содржина која влијае стресно и вознемирувачки (негативните психолошки ефекти од негативните медиумски содржини станаа посебно евидентни за време на корона пандемијата). Таквата содржина ја пасивизира и демотивира јавноста и со тоа сериозно го поткопува општеството. Пасивни, апатични и демотивирани луѓе, не создаваат продуктивно и благодетно општество. Но дали светот објективно станува поопасен или има и некое друго, психолошко објаснување зошто негативните, односно лошите вести доминираат во јавниот дискурс? Во оваа колумна ќе се обидеме да го одгатнеме проблемот низ феноменот наречен „пристрасност кон негативното“ според кој негативните содржини имаат поголем ефект врз човечките психолошки процеси од позитивните/неутралните содржини со ист интензитет.

Најпрво пред да продолжиме мора да предупредиме дека аргументацијата која следи никако не смее да се сфати како „релативизирање“ на објективно големиот број лоши вести кои во последните неколку години ги добиваме во континуитет во Република Македонија – од перверзната промена на името на државата, до секојдневните вести за корупцијата на власта, нефункционалниот здравствен и правосуден систем, европската бесперспективност, рушењето црни рекорди во корона пандемијата, дополнети со загрижувачката економска катастрофа која веќе почна да се случува судејќи по трендот на вртоглавато зголемување на инфлацијата и поскапувањето на цените на основните продукти и горивата. Целта на оваа колумна е да даде, преку научно разбирање на феноменот на лошите вести, малку од она што најмногу му недостига во моментов на македонското општество – надеж.

Секако дека постојат објективни метрици и индикатори според кои се мери квалитетот на животот, но сепак човечката психологија и расудувањето најчесто не се базираат на таквите објективни показатели, уште помалку на теоријата на веројатност и логиката. Најчесто нашата перцепција е субјективна и прагматична. Притоа, мора да забележиме дека под „субјективна“ не се подразбираат исклучиво неточност и грешки; понекогаш субјективното расудување може да биде и веродостојно на реалноста (иако најчесто не е). Субјективното, за разлика од објективното расудување, подразбира збир на еволуирани психолошки адаптации кои носат брзи и непрезицни заклучоци за она што се случува околу нас преку следење на едноставни правила (техничкиот збор е „хеуристика“) кои најчесто функционираат, независно дали се вистинити или не. Со други зборови, ние сме повеќе од волни да ја жртвуваме вистината за она што всушност ни носи некаква корист и ни овозможува да преживееме. Токму затоа негативните појави, настани, вести, предмети, растенија, животни – со една фраза „негативните стимули“ – имаат посебна психолошка вредност, предност и доминираат во однос на останатите, помалку опасните стимули бидејќи имаат најдиректен ефект во однос на нашето преживување. За да ја илустрираме доминантноста на негативното, помислете на тоа како една лебарка успева да ви ја расипе целата превкусна чинија доколку се најде во истата. Колку и да сте гладни, целата таа опојност и привлечност на јадењето, целата таа позитивна стимулација не може да го неутрализира и да надомести за негативниот ефект од несреќната лебарка. Во тој случај преферираме да останеме гладни отколку да продолжиме со јадењето (се разбира, зборуваме за релативно нормални животни околности и секако дека исклучок се екстремни случаи на изгладување во кои лебарката и не би делувала толку непријатно). Слично и со вестите: само една лоша вест во денот успева драстично да ја намали вредноста на сите позитивни вести во денот.

Истражувањата во психологијата јасно го покажуваат силното влијание на негативните информации. Поради нивната важност во еволуциска смисла, односно поради тоа што сигнализираат опасност, тие ги окупираат нашите сетила и механизмите на перцепција и во процесот на продукција и во косумирањето на истите. Ефектите се силни и кај авторите/новинарите/уредниците и самите медиумите како институции кои ги произведуваат содржините, но и кај публиката која е сензитизирана на лошите вести. На пример, една од досега најобемните меѓународни студии која ја истражува перцепцијата на негативните вести и која опфаќа 17 земји од повеќе континенти и околу 1150 учесници доаѓа до заклучокот дека ефектот на негативните вести е превалентен во повеќето култури и дека во просек, процесирањето негативна содржина повеќе го активира нервниот систем мерено физиолошки преку електричната спроводливост на кожата и варијабилноста на работата на срцето. Дополнително, се чини дека реактивноста на неврофизиолошко ниво е поголема кај женскиот дел од популацијата иако жените тежнеат да консумираат помалку вести. Заклучоците од двете студии за лошите вести на некој начин се очекувани, бидејќи во психологијата добро познато е дека негативните стимули се поефикасни во привлекувањето и задржувањето на нашето внимание – на пример, побрзо забележуваме гневно лице во толпа лица со среќен израз, а кога ситуацијата е обратна, односно кога се обидуваме да пронајдеме среќно лице во толпа гневни лица – тогаш потребно ни е подолго време (види ја оваа студија). Негативните стимули тежнеат да бидат и предмет на подлабоко и подолго процесирање, претставуваат посилни мотиватори во нашето однесување и трауматското искуство побрзо се стекнува и подолго се памти. Како илустрација, помислете на интензитетот со кој би бегале од питбул териер кој нѐ брка – веруваме ќе се сложите дека е далеку поголем од интензитетот со кој би ѝ пришле на супер-слатка чивава која нѐ привлекува.

И сето наведено има за цел да потенцира две работи: дека не сме објективни расудувачи за реалноста и дека секогаш ќе бидеме пристрасни кон негативните стимули поради нивната исклучителна важност за нашето опстојување. Таквиот наш дизајн по дефиниција ќе води до тоа да лошите вести секогаш бидат „попривлечни“ и веројатно секогаш да доминираат во јавниот дискурс. Емпириски е потврдено дека тие се многу повеќе споделувани и предизвикуваат поголема ангажираност на социјалните мрежи од вестите со позитивна содржина и ова е независно од политичката ориентација, односно подеднакво важи и за лево- и за десно-ориентираните. Иако звучи парадоксално, анализата на состојбите низ рамката на пристрасноста кон негативното всушност има за цел да нѐ охрабри, да нѐ едуцира и да ни обрне внимание на нашата когнитивна архитектура која во најголем дел од времето се обидува да нѐ одржи во живот, без многу обѕири кон вистината. Да ни укаже на тоа дека постои асиметрија во однос на позитивните/негативните содржини во медиумите не поради тоа што светот станал полошо место за живеење (тоа се мери преку објективни параметри), туку дека честопати самите сме пристрасни и допринесуваме за таквата перцепција (не по наша вина, се разбира). Постои природна предиспозиција да бидеме „наштелувани“ кон негативното. Ако го сфатиме тој факт, веројатно во моментите кога ни е најтешко ќе нѐ расположи, ќе нѐ запре во падот низ вртоглавата спирала на апатичноста и летаргијата и најважно од сѐ, ќе ни помогне да сфатиме дека не е сѐ така црно – туку дека најчесто ни изгледа „поцрно“ отколку што реално е.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.