Врсничкото насилство да биде дел од Законот за средно образование побараа пратениците од Клубот за младински прашања и политики во Собранието на средбата со Министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

Координаторката на Клубот, Моника Зајкова појаснува дека како пратениците до Министерство за образование и наука ги доставиле предлог решенијата од средношколците кои се однесуваат на делот за средношколското организирање и барање во новиот закон да биде регулирано и врсничкото насилство односно булингот и отворање на Канцеларии за решавање на ваквите проблеми на средношколците.

– Бараме од Министерство за образование и наука,  Законот да ги опфати овие два предлога на Клубот спротивно пратениците од Клубот ќе поднесат измени на законот кои ќе се однесуваат на средношколското организирање и булингот, додава таа.

Во Собранието на Република Македонија уште во 2017 година е формиран Клуб за младински прашања и политики, по примерот на Европскиот парламент и останатите западноевропски парламенти.

Клубот за младински прашања и политики е неформално тело во Собранието, составено од членови на сите парламентарни партии чија што цел е остварување на интересите на младите, во соработка со младинските организации, неформалните младински групи и партиските подмладоци.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.