Во Едукативниот центар за зачувување на природата во пехчевското село Негрево денеска се одбележа Меѓународниот ден на биолошката разновидност. Целта на настанот, како што информираа организаторите, е да се даде акцент на мотото на годинашното одбележување преку истражување на локалитети кои изобилуваат со богата био-разновидност, а се карактеристични за пехчевскиот крај.

-Денеска сме во Едукативниот центар во Негрево како проект кој е поддржан од Програмата за зачувување на природата финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка, со цел да го одбележиме Меѓународниот ден на биолошката разновидност кој се одбележува на 22 мај, но ние го одбележавме денеска. Овогодишното мото кое го прифатија околу 200 земји ширум светот, вклучително и нашата држава предводена од Министерството за животна средина и просторно планирање, е да го зачуваме биолошкото наследство „Од договор до акција – да го обновиме биодиверзитетот во државата“, истакна тим лидерот Марјана Шушлевска.

Во денешните активности се вклучи и Македонското еколошко друштво чиј претставник Светлана Пејовиќ ги запозна младите учесници со самото значење на биодиверзитетот.

-Како биолог и координатор на Програмата за еколошка едукација можам да кажам дека Македонското еколошко друштво долги години работи на проучување и заштита на биодиверзитетот. Денес сме тука заедно со граѓаните на Пехчево учениците од Локалните училишта да го прославиме овој ден преку истражување на биолошката разновидност во регионот. Ќе го посетиме тресетиштето на Јудови Ливади ќе го посветивме нашето истражување на ова живеалиште и на единките кои живеат таму, рече Пејовиќ.

Координаторот Маре Параскова додаде дека Едукативниот центар веќе неколку години е место каде редовно се одбележуваат значајни датуми со посета на најзначајните места во Пехчевско.

-Едукативниот центар секогаш ги одбележува такви поголеми значајни денови за зачувување на природата. Имаме убав ден со учениците, ќе го посетиме Инсектојадното растение кое е дел од богатиот биодиверзитет во Малешевскиот крај. За викенд правиме и доста активности со ученици од Пехчево, околината и пошироко, додаде Параскова

Годинава Обединетите нации го одбележуваат меѓународниот ден на биолошката разновидност под темата „Од договор до акција“, алудирајќи дека по постигнувањето на договори за заштита на природата, на ред се конкретни чекори за нивно имплементирање.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.