Спасувачката акција во полн капацитет по исчезнатиот македонски државјанин во местото Посиди, Грција, продолжува и денеска. Плажата на која одбрале да се забавуваат тројцата скопјани, мештаните ја избегнуваат поради силните струи. Се работи за прекрасно место кое привлекува туристи поради својот рајски изглед – но крие голема опасност.

На страницата на „Грчки кутак“ споделено е зошто треба да бидете особено внимателни во овој агол на Халкидики.

Посиди (или Амоглоса – песочен јазик во превод) е точката што го поврзува Солунскиот залив со Егејското Море. Обликот на оваа плажа се менува поради плимата и осеката… Кога дува северен ветер, врвот (или Мити-нос, како што го нарекуваат Грците) се свртува кон Солунскиот залив, а кога дува јужен ветер се врти кон спротивната страна, кон местото Посиди. Во околината има силни струи, при сите временски услови. Постарите секогаш ни велеа дека никогаш не треба да пливаме на самиот врв на плажата Посиди бидејќи струите влечат како правосмукалка. Во последните години се случува токму спротивното. Многу туристи се капат без да обрнат внимание на струите. Секоја година некој настрадува токму тука, објавија тие.

Инаку, ‘ртот Посиди се наоѓа веднаш до местото Посиди (Касандра), 7 км од Скала Фурка и 9 км од Мола Калива. Плажата се наоѓа на крајниот западен ‘рт Касандра. Поради плимата и осеката формата на оваа плажа се менува и секогаш е различна. Некогаш крајниот десен дел „тоне“ во морето и не се гледа, а понекогаш „излегува на површина“, но во поинаква форма од порано, пишува грчка инфо.

На истата локација се наведува дека силни морски струи и големи бранови може да се очекуваат на следните плажи: Рајска плажа на Тасос, Сарти на Ситонија, плажа Порто Кацики на Лефкада и плажа Миртос на Кефалонија. Внимавајте и на плажата Милош во Лефкада.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.