На неколку плажи во Грција деновиве се појавија опасни медузи, чиј убод освен што гори, предизвикува и здравствени последици. Станува збор за таканаречените виолетови медузи, за кои властите беа принудени да постават црвени знамиња со кои се означува забраната за влез во вода.
Тоа е опасен вид на медуза, каснувањето е болно, остава трага како изгореница, тешко се измива. Може да предизвика тахикардија, плускавци на телото, повраќање, дијареа кај луѓе кои имаат други проблеми, рече за српската ТВ Прва, дописничката на „Политика“ од Атина, Јасмина Павловиќ Стамениќ.
Медиузите имаат големина од 10 сантиметри и се со долги пипала. Иако се карактеристични за Шпанија и Италија, тие се намножија и стигнаа до Јонското и Егејското Море, а според експертите можно е да се појават и во Јадранското Море.
Бараат потопло море, се хранат со планктони, а се појавуваат на период од 10 години. Досега океанолозите успеаја да ги лоцираат, но сега водните струи носат и не знаат каде ќе се појават следно. Моментално ги зафатија двете страни на Атика, отидоа кон Јонос, кон Пелопонез. Не се знае кога ќе отпловат. Проблемот е што се проѕирни и розови, па не ги гледате, изјави Јасмина Павловиќ Стамениќ.
Според неа, грчките медиуми секојдневно предупредуваат за овие медузи, а во случај да се изгорите, препораката е – брзо плакнење со морска вода, ставање мраз и сода бикарбона.
Треба да се биде внимателен бидејќи со брановите можат да стигнат до брегот. Водните струи ги носат во сите правци – и во Егејското и во Јонското Море, а наскоро треба да се очекуваат и во Јадранското Море, иако водата е постудена, предупредува Јасмина Павловиќ Стамениќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.