Туристичкото претставување на РС Македонија на меѓународниот саем за туризам ”SAJAM TURIZMA” во Белград кој се одржува од 24ти до 27ми март 2022 година е традиција која Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот ја реализира во континуитет. Македонско–српското пријателство, историските и традиционалните врски, заедничките вредности и интереси се одразуваат и во зацврстување на воспоставените туристички релации меѓу РС Македонија и Србија. Саемското претставување е во соработка со пријателите на АППТ од SIPPO- Швајцарска програма за поддршка на извозот.
Оваа година интересот на македонските општини да ја презентираат својата туристичка понуда е за поздравување. Општините Охрид, Дојран, Демир Капија и Гевгелија го видоа потенцијалот за привлекување што поголем број српски туристи и зголемување на нивниот престој во регионите каде што се нудат туристички продукти интересни за гостите од Србија. Освен општините на македонскиот штанд чии простор е 50м2 коегзибитори се и ТА Савана, ХОТАМ, СКТМ, РЕСТОРАН Острово и DMC – Balkans.
Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот д-р Љупчо Јаневски и вд амбасадорот на Република Македонија во Република Србија, Михаела Веселинов пред започнување на саемот за туризам во Белград се сретнаа со министерот за туризам на Република Бугарија и амбасадорот на Бугарија во Република Србија на македонскиот изложбен простор. Се потенцираше потребата од зголемување на соработката во делот на информативни патувања на новинари, блогери и инфлуенсери за промовирање на туристичките потенцијали, зголемување на промоцијата и повеќе туристи во 2022 година од двете дестинации.
Туризмот е мост за поврзување на културите, дестинациите и народите. Поради тоа е и целта на презентацијата на македонските дестинации која ќе се одржи на 25ти март, вториот ден на саемот, на која општините ќе ги претставуват туристичките содржини и можностите за поврзување на српските и македонските патувачи. Исто така со свои презентации ќе настапат и Маунтаин Солушн од Битола кои ќе ги презентираат планинарските авантури, JJ Adventures од Охрид специјализирани за планински велосипедизам и водени спортови, Шерпа Јавање од Галичник (Horse riding) и Нуркачки Центар Амфора од Охрид, кои ќе ги презентираат авантуристичките и активните форми на туризам.
2022-та година е 43-от меѓународен саем за туризам ”SAJAM TURIZMA” во Белград. Првиот ден од саемот е отворен само за професионалци во туристичката индустрија на кои им се овозможува удобна работна средина со цел подобро вмрежување со тековните партнери и запознавање на нови. Меѓународниот саем за туризам во Белград обезбедува едноставно пребарување на бази на податоци на изложувачите и деловните посетители преку Б2Б ПОРТАЛ. Покрај порталот, оваа година е одвоен посебен простор за организирање на средби на “B2B Meetings” помеѓу деловните посетители и изложувачите, како и излагачите меѓу себе. Секоја година, ”SAJAM TURIZMA”на површина од 30.753m2е домаќин на 900 излагачи од 50 земји, 65.000 посетители и над 12.500 професионалци од туристичката индустрија – учесници, посетители и гости, од кои 650 се домашни излагачи во рамките на програмата „Србија на едно место“ и 250 странски излагачи, како и 1.000 новинари од Србија и регионот.
Забележан е брз раст на српски туристи и тоа за 275% во 2021г споредбено со 2020г, интересен е податокот за растот на остварени ноќевања на српски туристи и тоа за 257% во 2021г споредбено со 2020г. Пикот на српски туристи кои ја посетиле РС Македонија за 2021 година бил во летните месеци, и тоа јуни, јули со акцент во месец август со реализирани 9497 посети од страна на српски туристи. Додека пак, пикот на остварени ноќевања на српски туристи во РС Македонија за 2021 година бил во месеците јули со 18195 ноќевања и август со 21540 ноќевања. Зголемувањето на српските туристи во Охрид е забележан во изминатата година и тоа во 2019 година Охрид бил посетен од 10035 туристи додека во 2021 година го посетиле 12627 српски посетители. Зголемениот проток на туристи меѓу двете земји може да ја воочи потребата од враќање на конекцијата Белград-Охрид-Белград, се мисли на сезонска авиолинија која во минатото многу добро функционирала. Српските туристи во РМакедонија освен Охрид го посетуваат и винскиот регион каде што уживаат во македонските вина и гастрономијата, како и Дојран, зимските центри и главниот град Скопје.
Исто така би сакале да потенцираме дека во топ 10 земји (се мисли на туристи од дадената земја кои ја посетиле РМакедонија во 2021) Србија е на прво место, со остварени 43914 посети за 2021година. За српскиот туристички пазар и за македонскиот дојдовен туризам значаен податок е директната авионска линија со авиокомпанија AIR SERBIA на релација Скопје – Белград – Скопје која оперира 3 пати неделно, и тоа понеделник, петок и недела”- изјави директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, д-р Љупчо Јаневски.
Српскиот туристички пазар е еден од најзначајните за македонскиот туризам, па поради тоа се превземаат активности за промоција со цел зголемување на бројот на српски туристи и остварени ноќевања. Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот реализира медиумските активности за промовирање на туристичките потенцијали на Македонија во Србија и истата за 2022 година ќе се реализира преку онлјан кампања на најчитаните интернет портали.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.