Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски во интервју за познатиот бугарски туристички сајт Bgtourism.bg коментира дека државава има за цел да го зголеми од 15 до 20 отсто бројот на ноќевањата во 2022 година и бројот на туристите да го зголеми за 10 до 15 проценти.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Јаневски се надева дека Македонија во 2022 година ќе надмине 2,5 милиони ноќевања и многу сериозно ќе ги зголеми приходите во однос на 2019 година. Во 2020 година фокусот беше ставен на домашниот туризам во Македонија, во 2021 година на земјите од регионот, кои всушност генерираат 50 проценти од вкупниот број странски туристи.
Според Јаневски, во 2022 година регионот ќе продолжи да се смета за приоритет и ќе се работи на натамошно отворање на нови пазари. Оваа година туристите од Холандија, Белгија, Полска, Велика Британија ќе бидат пречекани преку одредени чартер компании и дополнително групи и индивидуални гости од Турција, Полска и од други земји, коментира Јаневски за бугарскиот туристички сајт. Според него, сето тоа ќе зависи од светската политичка и економска стабилност.
-Туристите кои доаѓаат во Македонија сакаат да трошат повеќе, да посетат голем број атракции и ние како сектор мора да го овозможиме тоа, посочува Јаневски.
Агенцијата што тој ја раководи планира да ги подобри односите меѓу Македонија и Бугарија со активна кампања фокусирана на овој пазар со повеќе инфо тури, поканување тур-оператори за B2B состаноци во Скопје и презентирање на туристичкиот потенцијал во Софија со медиумска покриеност.
Според Јаневски, од сите туристи бугарските се во првите пет по бројот на посети и по бројот на ноќевања во Македонија. Тој смета дека бугарскиот туристички пазар не го покажува целосниот капацитет, бидејќи можноста за патување била само со автобус.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.