Грчката влада има намера да ги зголеми туристичките такси и очекуваниот приход од 600 милиони евра да ги насочи кон фондот за поправка на штетите предизвикани од климатските промени, изјави премиерот Киријакос Мицотакис.
Туристичката такса за најевтините ноќевања во апартмани ќе се зголеми од 0,50 на 1,50 евра за ноќ, објавија медиумите, а за ноќевања во хотели со пет ѕвезди од четири на десет евра од ноќевање.
Премиерот изјави дека нивни приоритети во планот за брза помош ќе бидат „најбрза можна мобилизација за спасување животи во катастрофите со кои ќе се соочиме во иднина, обезбедување финансиски средства и сеопфатен одбранбен план против климатската криза“.
Грција и оваа година беше опустошена од големи пожари, принудувајќи ги властите во јули да евакуираат илјадници туристи од островот Родос за само неколку часа.
Мицотакис рече и дека владата има намера да обезбеди 3,3 милијарди евра за санирање на штетите предизвикани од поплавите во Тесалија летово. Парите треба да се добијат од фондовите на Европската унија и од буџетот.
Обилните дождови на почетокот на септември предизвикаа поплави во Тесалија, во кои загинаа 17 лица. Угинаа десетици илјади животни, а уништени се куќи, патишта, мостови, земјоделско земјиште и посеви.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.