Анталија, најпознатото медитеранско летувалиште во Турција е познато како рајот и пеколот на земјата. Градот во 158 година пред нашата ера го основал кралот на Пергам, Атала II по кого и градот го добива своето име. Кралот ги испратил своите војници од островот на копното и им рекол дека сака да му го најдат „рајот на земјата“. По шест месеци се вратиле и му рекле дека го пронашле рајот по што тој допатувал со нив во пределот каде што е сега Анталија, се согласил со нив дека токму тука е рајот на земјата и го основал градот.

Сегашните жители, пак, имаат изрека дека не можат да одат во „пеколот“ бидејќи живеат во „пеколот на земјата“. Така е особено во месеците јуни, јули и август кога има високи температури и преку ден, но и преку ноќ. Токму тоа е причината што жителите на Анталија во овие три месеци го напуштаат градот и живеат во своите вили во поладните делови во блиските планини.

Град со 300 сончеви денови во кој во исто време можеш да пливаш во море и да се скијаш на планина

Жителите на Анталија велат дека овде и уште на можеби две три места во светот може во исто време да скијаш и да се бањаш во море. Веднаш над Анталија на само 20-тина минути возење се високите планини Бик или Торос, каде зимно време има снег и има познат скијачки центар, а во исто време во градот е доволно топло за да се плива во морето. Затоа е едно од ретките места на земјата каде е можно единствено чувство прво да се скија, а потоа да се плива во море.

Градот има преку 300 сончеви денови во годината, богата историја, модерни градби и преубави плажи. Сместен е во истоимениот залив и се состои од два дела од кои едниот е современ со широки булевари, трговски центри и богат ноќен живот и вториот дел – стариот град Калеичи кој личи на Охрид или на некој град во Италија и Шпанија и е претворен во туристички центар на градот. Можеби во делот со бројните дуќани заликува и на Старата скопска чаршија, но градбите дефинитивно личат на Охрид.

Таму може да се најде се и сешто од познатите турски локуми, традиционални сладолетчии со единствениот начин на служење на сладолед или по турски дондурма, разни рачни изработки и сувенири до прекрасни традиционални ресторани со посебно вкусна храна и мезиња.

Тука е и пристаништето се модерни, но и стари бродови.

Спој на модерното и традицијата

Анталија, крајбрежниот рај на медитеранскиот брег на Турција, ги маѓепсува посетителите со своите прекрасни плажи, античка историја и живописна култура. Сместен меѓу Средоземното Море и планините Торос, овој град нуди уникатен спој на модерното и традицијата.

Анталија е поделена на три големи области: Коњалти, Кепез и Муратпаша. Секоја од нив е поделена на помали микродистрикти. Коњалти се смета за еден од најубавите делови на градот. Географски, се наоѓа на западниот дел во близина на планините Торос.  Има плажи со крупен песок долги околу 10 километри.

Муратпаша е централниот дел на градот во кој се наоѓа и стариот град Калеичи. Тука плажите се карпести, но во овој дел од градот има и прекрасен водопад на река понорница долга само 40-тина километри од кои 17 се под земја. Лара е делот од градот на источната страна каде има прекрасни плажи со ситен песок.

 Богата историја со непроценливи артефакти

Околината на Анталија била населена уште од неандерталците за што има докази во пештерите што се непосредно до градот во кои животот продолжил и многу после првобитните луѓе.

Со градот владееле Римјаните, Византијците, Селџуците,… Има прекрасен музеј во кој има артефакти од антиката кои се исклучиво од регионот Анталија. Најголем дел од нив се од античкиот град Перге.

Во музејот има многу бисти меѓу кои и на Александар Македонски, на римскиот владетел Адриус кој го освоил градот преку портата, единствената слаба точка на бедемот, кој бил доволно висок и широк за да не можат стрелите да им направат ништо на жителите, но и прекрасни саркофази на богати и познати жители на градот.

Единствена по својот изглед е статуата на жена што танцува зошто е направена од два вида мермер – бел и сив, односно косата и облеката и се направени од сив мермер. Тука е и статуата на трите грации – Хера, Афродита и Атина.

Во горниот дел од музејот има соба со икони од црквите од градот и околината и богата збирка на ковани пари.

Анталија го има најголемиот аеродром на Медитеранот

Во Анталија е сместен и најголемиот аеродром во Медитеранот. Вообичаено дневно од аеродромот се реализираат по околу 1.100 полетувања и слетувања, а во шпицот на туристичката сезона и во викендите и до 1.600 зошто има голем број на чартер летови. Годишно преку него се превезуваат 16 до 18 милиони патници.

Во моментов се при крај градежните работи за изградба на нов терминал со што се очекува двојно да се зголеми бројот на превезени патници. Терминалот треба да биде готов до крајот на годинава или на почетокот на следната година.

Милиони туристи го посетуваат поширокиот регион на Анталија

Секоја година повеќе милиони туристи го посетуваат поширокиот регион на областа Анталија, сместена во Анталискиот залив на Средоземното Море. На север од градот Анталија на околу 30 километри е монденското место Кемер, а на југ, на отприлика 80 километри се познатите летувалишта Сиде и Аланија. Во непосредна близина на северната страна е и градот Фетије каде е прекрасната Сина Лагуна. Во сите овие места, а особено во градот Анталија туристи има речиси преку целата година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.