Агенцијата за туризам (АППТ) од денеска почнува еко кампања за дестинации без отпад во нашата држава. Кампањата ќе трае до 1 ноември, преку фејсбук и инстаграм профилите на Агенцијата, и ќе бидат промовирани 30 дестинации под хаштазите #ЧистоКакоДома #PastërSiNëShtëpi.
– Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот континуирано го поддржува развојот на еко туризмот и растот на одржливите форми на туризам, паралелно со зачувување на природата и животната средина.
Во постојаната комуникација со туристичкиот сектор и локалната власт ја согледавме потребата од подигање на јавната еколошка свест и придобивките од истата, во контекст на чисти туристички дестинации, соопштија од Агенцијата.
Во првата фаза за подигање на еколошката свест за чиста животната средина, како што наведуваат, ќе се обидат да допрат до граѓаните со креативните решенија и повикувачки слогани: „Дестинација која не е погодна за одгледување пластика на плажите!“, „Искорнете го ѓубрето, не вреди да се гази!“, „На улици не се сее ѓубре, засади дрво за град кој диши!“.
Во втората фаза од еко кампањата влијателни луѓе од јавниот живот преку кратки видеа од одредена дестинација, со своите позитивни примери ќе допрат до граѓаните. Во третата фаза вработените во секторите на АППТ во соработка со локалната самоуправа и граѓаните со индивидуални акции ќе ги пошумуваат опожарените туристички локации во државата.
– Ги повикувам сите заинтересирани институции, туристички работници и еколошко свесни граѓани да ја споделат иницијативата за промовирање на дестинации без отпад. Ајде сите заедно да ја смениме перцепцијата за нашата држава, да биде препознаена од странските туристи како чиста и еколошки одржлива дестинација. Странските туристи не се главните загадувачи на дестинациите кои ги посетуваат, мораме да си признаеме дека отпадот не е донесен од друга планета, изјави директорот на АППТ Љупчо Јаневски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.