Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ реагира дека скоро секојдневно на десетици локации се узурпира и уништува крајбрежјето на Охридското Езеро.
Тие преку нивниот Фејсбук статус се навраќаат на тоа дека се изработува физибилити студијата за Урбанистички план за подрачја и градби од државно значење за заштитена зона на крајбрежниот појас во Охридскиот регион и дека Агенцијата за планирање на просторот активно соработува со работниот тим кој преку УНДП ја изработува неа и ги доставува сите податоци, информации, проекти и документи што им се потребни при изработката.
Истовремено, од граѓанската иницијатива додаваат дека во Извештајот за состојбата со заштитата на Природното и културното наследство на регионот и напредокот во спроведувањето на препораките од одлуката на Комитетот за светско наследство доставен до УНЕСКО се наведува дека студијата се изработува од ангажиран експертски тим од меѓународни и домашни експерти.
Од иницијативата велат дека навидум, според напишаното во Извештајот, нештата се одвиваат како што треба. Но, како што велат од Охрид СОС, она што не го виделе меѓународните организации е ситуацијата на терен и дека таму не е се како што се опишува или премолчува.
„Кој ќе чека на Урбанистички план за подрачја и градби од државно значење за заштитената зона на крајбрежниот појас, а дополнително на некаква физибилити студија? Додека инспекциите си седат во своите удобни и топли канцеларии, останува на жителите на регионот, на обичниот народ, да следи што се случува и да реагира. Некој што е платен да врши обиколки, да работи на терен, мора да се измоли да реагира, а најчесто се тоа само формални постапки, кои не завршуваат со конкретни санкции или се прогледува низ прсти. Повторно се гради и доградува во Извидничкиот центар во Охрид, на самиот брег на езерото. Евидентирано викендов. Доставена е претставка до надлежните инспекциски служби“, велат од Охрид СОС.
Дополнително, тие истакнуваат дека изминатава седмица во посета на Општина Охрид била Делегацијата на ЕУ, предводена од Амбасадорот Гир, како и дека соговорниците разговарале и за напредокот во спроведувањето на препораките од УНЕСКО и за соработката со владините институции.
Моментално и напредокот и соработката, од Охрид СОС велат дека се никакви и дека не постои координација.
„Не постои каква и да е визија, а не пак стратегија. Не се исполнети препораки уште од Реактивната мониторинг мисија од 2017 година. Она што се пишува во извештаите не кореспондира со реалноста“, додаваат тие.
Оттаму се децидни дека природното наследство постојано е под удар на урбанизацијата и желбите на поединци и групи преку узурпација на национално добро да остваруваат профит.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.