Со голем спектакл со Bridal Fashion Night во неделата, на 31 март во трговскиот центар „Ист Гејт“ во Скопје заврши 28. издание на Моден викенд Скопје.

Детска ревија со колекцијата „Нежности” на Minie’s by sisters на дизајнерките Тијана и Тамара ја отвори вечерта. Нивните етерични фустани од тул и прецизно координирани додатоци беа доказ дека сонот на секое девојче може да процвета во прегратка на нежност и елеганција.

Следуваше AlAparel на Наташа Карчева која ја претстави колекцијата „Desert Rose“. Оваа линија ја отсликув еластичноста на цветот што живее во осаменост, покажувајќи ја убавината и силата што се наоѓаат во ранливоста. Изработени од материјали како свила, шифон и органза, дизајните на Наташа и оддадоа почит на трансформативната моќ на убавината, давајќи длабока претстава за човечката упорност.

Анастасја Трајковска Maison de Couture нè плени со колекцијата „Maxim“. Оваа серија беше размислување за времето, неговата минлива природа и вредноста на моментите. Со својата мешавина на сила и деликатност, колекцијата служеше како потсетник на трајната суштина на женственоста, а секое парче беше симбол за безвременска елеганција.

Anna Veseli Couture ја претстави својата колекција „Бисерно бели соништа“, претворајќи ја пистата во засолниште за невести. Секоја наметка, уникатна и по име и по дизајн, зборуваше за многу прецизно изработка и страст што внесува живот во високата мода. Оваа колекција ѝ вети на секоја невеста трансформација во реалност што го одзема здивот на нејзиниот најдраг ден.

Вечерта кулминираше со Фа-Бу од Јагода Пачемска, единствената дизајнерка на фустани од свежо цвеќе, колекција каде токму тоа генијално беше искористено како ткаенина. Овој иновативен пристап на Пачемска не е само модна декларација, туку потсетник на минливата убавина на природата, доловена во ефемерната визија за денот на свадбата.

Последната вечер на Модниот викенд Скопје беше прослава на љубовта, соништата и вечниот танц на модата.

Со промовирање на „бавната мода” и прикажување на македонските брендови преку работилници под капата на Europe House Skopje, pop-up локацијата “Ready, steady…shop!” и серија на ревии и ова издание беше дизајнирано да поттикне подлабока врска помеѓу заедницата и принципите на одржливо живеење преку модата и дизајнот, вели организаторот.

Настанот ја нагласи посветеноста на Моден викенд Скопје за негување на позитивна и одржлива модна индустрија. Со две фантастични изложби на програмата едната со ДЛУМ, а другата во соработка со Амбасадата на Шпанија, ова издание ја маркираше и раскрсницата на културата, уметноста, традициите и иновацијата, при што настанот уште еднаш ги обедини младите визионери со цел да се редефинира што претставува модата во современото општество.

Фото: Г. Ристоски, Г. Бошковски



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.