Ајрис Апфел, експертка за текстил, дизајнерка на ентериер, модна икона и најстарата инфлуенсерка позната по својот ексцентричен стил, почина на 102-годишна возраст. Смртта ја потврди нејзиниот комерцијален агент Лори Сејл.
Апфел минатата година го прослави својот 102-ри роденден. Родена на 29-ти август 1921 година, таа беше позната по својата неконвенционална, впечатлива облека, мешајќи ја високата мода со големите парчиња костимска бижутерија.
Со големите, тркалезни, црни очила, светло црвениот кармин и кратката бела коса, таа се истакнуваше на секој моден настан на кој присуствуваше. Нејзиниот стил беше предмет на музејски изложби и документарниот филм „Iris“, во режија на Алберт Мејслс.
Не сум убава, и никогаш нема да бидам убава, но тоа не е важно. Имам нешто многу подобро. Имам стил.
Апфел уживаше во подоцнежната слава на социјалните мрежи, собирајќи речиси 3 милиони следбеници на Инстаграм, каде што нејзиниот профил декларира: „Повеќе е повеќе, а помалку е здодевно“.
На ТикТок таа привлече 215.000 следбеници додека мудро расправаше за модата и стилот и ги промовираше неодамнешните соработки.
Во однос на дизајнот на ентериер, Ајрис работела во Белата куќа за дури 9 американски претседатели – Хари Труман, Двајт Ајзенхауер, Џон Ф. Кенеди, Линдон Џонсон, Ричард Никсон, Џералд Форд, Џими Картер, Роналд Реган и Бил Клинтон. Тие, како што изјави во една прилика, биле нејзините најлесни клиенти.
Алберт Мејслс сними филм за животот на модната икона во 2014 година наречен „Iris“. Пред 5 години, „Mattel“ направи Барби кукла врз основа на Апфел, со што таа стана најстарата личност по која е направена кукла. На 97-годишна возраст, на повик на Томи Хилфигер, Ајрис стана модел, потпишувајќи договор со агенцијата „IMG“, која ги застапува Жизел Бундшен и Џиџи Хадид.
Ајрис ја носеше титулата најстар инфлуенсер во светот. Нејзините објави ги следат речиси 3 милиони луѓе. Таа ги воодушевуваше своите следбеници со аутфити во кои го спојуваше неспојливото – елементи од различни култури и евтини парчиња со скапи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.