Многубројни книжевници, новинари, модни креатори, филмски и театарски работници, со силен аплауз и многу емоции ѝ оддадоа почит на Зорка Тодорова-Младеновиќ, на промоцијата на нејзината нова фотомонографија „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“, што се одржа вчеравечер во Музејот на македонската борба за државност и самостојност. Книгата, што е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е круна на досегашната работа на познатата костимографка.

– Книгата „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ е сублимат на мојата досегашна работа како костимограф на многубројни филмови, театарски претстави, но и на сите историски костими во Музејот на македонската борба. Оваа фотомонографија ја препорачувам на сите што сакаат да се занимаваат со модно креирање и костимографија. На факултетите и школите за мода денес повеќе се насочени кон модата, а не кон историскиот дел на облеката. Но, имаат време, им препорачувам да навлезат и во овој дел на модниот дизајн, како значајна основа. Изучувањето на историјата на облекувањето, поточно на костимографијата и модата, отсекогаш било од голем интерес за мене. На моите студии во Белград и во Париз имав среќа да студирам кај професорите Павле Васиќ, како и кај госпоѓата Ивон Деландр – една од најпознатите историчарки на костими во Франција. Со неа имав можност да влезам во повеќе депоа каде што се чуваа оригинални облеки од минатите векови, а исто така ми овозможуваше да ги гледам ексклузивните модни ревии на најпознатите модни креатори од тоа време. Подоцна, во мојот работен век како костимограф, работев костимографии за повеќе играни филмови („Жед“, „Мементо“, „Истрел“, „Црвениот коњ“, „Прашина“, „До балчак“, „Исправи се, Делфина“, „Војната заврши“, „Хај-фај“ итн.), како и за многу телевизиски филмови и драми и имав можност да истражувам и да го запознам костимот и од нашата земја. Запознавањето со облеките во Македонија го дополнував и кога ги правев костимите за восочните фигури во нашите музеи во Скопје, Штип, Битола, Ресен и Кавадарци. Во тој период имав можност да соберам огромна документација од записи и фотографии за облеките во Македонија од појавата на фотографијата, па до денес. Како професор на Факултетот за ликовни уметности, а подоцна и на Институтот за текстил на Технолошко-металуршкиот факултет, ги држев предметите историја на костим и мода, креација на мода и конструкција на уникатна облека. Во тоа време за студентите имав подготвено интерни учебници – вели авторката Зорка Тодорова-Младеновиќ.

„Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ ги сублимира сознанијата и знаењата здобиени од стручната наобразба на авторката во областа на костимографијата и на модниот дизајн, но и од работните искуства, пред сè како филмски и музејски костимограф. Повикувајќи се на големите студии на проф. д-р Ѓорѓи Здравев за македонските народни носии, на д-р Воислав С. Радовановиќ, кој се фокусирал на раскошноста на мариовската носија и на неколкумина други македонски стручни лица, етнолози, и потпирајќи се на својот вроден раскажувачки талент, Тодорова-Младеновиќ создаде читлив и рецептивен текст интересен за стручната јавност, но и за секој љубопитник кој го интересира развојот на облеката во Македонија од првите фотографски записи, па до денес.

– „Костимот во Македонија…“ е нашиот втор заеднички проект, по „Како да станам моден дизајнер?“, што го сработивме со многу посветеност и љубов, а резултатот е очигледен. Како и во претходната книга, така и во оваа, до израз доаѓа писателскиот стил на Зорка Тодорова-Младеновиќ. Иако станува збор за навидум стручни и специјалистички книги, тие комуницираат со секаков профил на читатели: стручни, нестручни, аматери, љубопитници… буквално секој може да го пронајде својот читателски сензибилитет во овие страници, затоа што Зорка Тодорова-Младеновиќ е роден раскажувач, па дури и од непристапна тема за широката публика успева да направи сигурно засолниште за секого – истакна уредничката на изданието, Бисера Бендевска.

Стилот на пишување е белетризиран и збогатен со цитати од македонската книжевност, конкретно од романот „Крпен живот“ на Стале Попов, во кој детално се опишуваат постапките на креирање облека во домаќинството, а вклучени се и сведоштва на историски личности од почетокот на 20 век во Македонија, кои зборуваат за други аспекти на облекувањето во тоа време. Книгата е збогатена со многубројни фотографии од приватната архива на авторката и од други извори, педантно забележани во книгата.

Во публикацијата се вклучени два предговора, од професорката и модна дизајнерка, Лидија Георгиева, и од етнологот и кустос-советник во НУ Завод и музеј – Битола, Наде Геневска-Брачиќ, кои го воведуваат читателот во содржината на монографијата преку различни визури на нивните професии.

– Продукцијата на изданијата поврзани со креативните индустрии и визуелните уметности е во континуиран пораст. Земајќи го предвид фактот дека живееме во време кога сè помалку се чита, ова се чини по малку и парадоксално. Ваквиот вид литература за историјата на костимот, за модниот дизајн и облеката, претежно достапна и интересна за модните дизајнери, костимографите и етнолозите, сметам дека кај нас го нема одгласот што го заслужува врз пошироката публика, а би требало да биде сосем спротивно. Па, можеби и со таа цел, меѓу другото, се наоѓаме пред еден вреден примерок за историјата на облекувањето на овие простори, кој, збогатен со цртежи, фотографии, но и сликовити извадоци од романот „Крпен живот“ на Стале Попов, со ретко привидна леснотија ги документира нашиот костим и нашите обичаи преку облеката… „Kостимот во Mакедонија од појавата на фотографијата до денес“ не е само уште една историја на костимот и облеката туку претставува и вреден пресек и анализа на комплексниот феномен наречен мода и костим – истакнува Лидија Георгиева.

Зорка Тодорова-Младеновиќ (1943) е моден креатор, костимограф, автор и новинар. По дипломирањето на Националната школа за декоративни уметности во Париз, Франција, во 1968 година, се вработува во Радио-телевизија Скопје како костимограф за ТВ-серии, драми и музичко-забавни емисии. Истовремено работи костимографии и за играни, театарски претстави (во Драмскиот театар, Кумановскиот театар, Битолскиот театар, Театарот на националностите, Театарот „Пралипе“ итн.). Во текот на својот работен век пишува и текстови за мода во македонските дневни и периодични изданија („Починка“, „Екран“, „Вечер“, „Нова Македонија“, „Журнал“, „Просветена жена“ и др.), а одреден период го уредува специјализираното списание „Текстилен информатор“.

По пензионирањето, Тодорова-Младеновиќ реализира околу 200 историски костими за восочните фигури изложени во редовните поставки на Музејот на македонската борба за државност и самостојност, како и во Археолошкиот музеј во Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.