Христина, Мартина и Ибраим се дел од матурантите од СОС Детско село оваа година. Овие тројца млади луѓе, кои годинава слават матура, слават многу повеќе од крајот на образованието.
Растејќи во СОС Детско село, како деца без родителска грижа, покажаа неверојатна сила, истрајност и храброст. Овие наши млади херои надминаа бројни предизвици, но благодарение на нашата поддршка и сопствениот мотив, денес стојат пред нас како симбол на надеж и успех.
Нивната приказна е инспирација за сите нас, потсетувајќи не дека без разлика на почетокот, со љубов, поддршка и одлучност можеме да постигнеме големи работи.
“Во моментов приоритет ми е државната матура за да можам да се запишам на факултет. Сакам да студирам Педагошки факултет и еден ден да работам со деца. Пред тоа ме чека долго топло и работно лето бидејќи сакам пред да започнам со студирање и финансиски да се остамостојам.
А потоа еден ден да основам свое семејство, да се остварам како мајка, да бидам она што јас никогаш го немав – постојана поддршка и ветер во грб на своите деца. “ – вели Христина Коневска.
Животот во СОС Детско село им овозможи на овие матуранти единствена и посебна врска меѓу себе и посветените едукатори од кои имаа безусловна поддршка. СОС Детско село за нив е многу повеќе од само дом, тоа е семејство кое се грижеше, веруваше во нив и стоеше покрај нив во секој чекор од нивното патување.
“Сите овие години СОС Детско село за мене беше мое семејство и мој дом, но ќе бидам искрена ми недостигаше мојот биолошки татко. По завршувањето на училиштето во план ми е да живеам со него. Пресреќна сум што конечно после 19 години ќе се обедини семејството. Се радувам на секој миг што ќе го имаме заедно, бидејќи имаме толку многу да надоместиме. “- искрено раскажува Мартина Костадиновска.
СОС Детско село ќе продолжи да биде нивниот извор на сила, се додека ги следат своите соништа. „Одете самоуверено во насока на вашите соништа. Живејте го животот што сте го замислиле“, советуваше Хенри Дејвид Торо, чувство кое совршено го опфаќа духот на овие млади луѓе.
“Мојата желба ми е да работам како пекар и верувам дека ќе успеам да си ја остварам. Мојот план за летово е да почнам да работам и да се осамостојам финансиски, а тоа значи да си најдам работа и свој стан за почеток. Додека бев во СОС Детско село научив многу работи, така што мислам дека сум веќе подготвен и доволно зрел да ја преземам грижата за себе.“- Ибраим Зекировски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.