Возбудата се зголемува додека битолчани се подготвуваат да бидат домаќини на втората по ред детска трка МИНИ Трчај бе, настан кој ги освои срцата на заедницата на првото издание минатата година, па така годинава тројно е зголемен интересот за истата, со што е некаде на врвот по масовност меѓу детските трки. Закажана е за 9 јуни во Градскиот парк под инспиративниот слоган „Мали чекори за големи соништа“.

Организаторот, познат по големата градска трка Трчај бе која секој септември се случува во Битола, со иницијативата за детската трка има за цел да ги поттикне децата да ја прифатат физичката активност, да си поставуваат лични цели и да сонуваат за големи успеси. Огромниот одзив, со три пати поголем број на регистрации од минатата година, го нагласува растечкиот ентузијазам за овој настан.

 

„Возбудени сме што гледаме таков неверојатен интерес за второто издание на МИНИ Трчај бе. Убаво е да бидеме сведоци како децата ги преземаат овие „мали чекори“ кон нивните „големи соништа“. Ентузијазмот од родителите и децата е неверојатен, а ние сме посветени да ја направиме овогодинешната трка незаборавно искуство за сите. Планираме пред трката, да одвоиме средства за донирање на опрема за атлетика на 15 училишта во градот Битола и соседните општини, со што ќе дадеме придонес кон популаризирање на овој спорт кај новите генерации, а по кој Битола е позната заради успесите на АК Олимп и таа традиција сакаме да ја продолжиме со новите таленти кои доаѓаат“ – истакнуваат организаторите.

 

Трката МИНИ Трчај бе, ќе има и победници, но таа конкуренција и не е толку значајна, колку што се работи за негување дух на уживање во масовен спортски настан, охрабрување за подобра физичка кондиција на новите генерации и инспирација да трчаат по своите соништа. Родителите, семејствата и пријателите се поканети на 9 јуни, од 11.00 часот да ги бодрат младите тркачи на битолското шеталиште.

 

И во овој проект на Трчај бе, традиционално се вклучени студентите на програмата за графички дизјан на Monday Learning-тренинг центарот за развој на дигитални вештини кои стојат позади сите дизајни на кампањата за оваа трка.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.